Атласните мапи и карти за македонско-косовската граница се изработени и се предадени на претседателите на двете делегации на мешовитата комисија, соопшти вчера Министерството за надворешни работи.
Картите и мапите се изработени од страна на претпријатието „Геофото-зенит“, кое беше задолжено за авионско снимање и изработка на целосната документација за извршената демаркација на државната граница меѓу Македонија и Косово.
„Со овој чин и официјално е заокружен процесот на демаркација на македонската северна граница на делот кон Косово и оти во следниот период двете држави треба да потпишат документ за обновување и одржување на обележаната демаркирана гранична линија меѓу Македонија и Косово“, се вели во соопштението од МНР.
Обележувањето на македонско-косовската граница со поставување на првата гранична пирамида на тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Косово започна на 30 јуни 2008 година, а Договорот за физичка демаркација беше ратификуван од страна на македонското Собрание на 17 октомври 2009 година. (МИА)