Македонски археолози на симпозиум во Кичево
Од денеска до 6 декември во Кичево ќе се одржува 20. симпозиум на Македонското археолошко научно друштво (МАНД), на чие отворање за историскиот приказ на градот ќе говори директорот на Музејот на западна Македонија во НОВ - Кичево, Велиу Илми, а за археолошките записи од Кичево и Кичевско, археологот Гордана Спасовска-Димитриоска.
Денеска, меѓу другите, ќе бидат презентирани добиените сознанија од годинешните истражувања на новата ранохристијанска базилика од локалитетот Коњух, на кој работеа археолозите Каролина Снајвли од САД, Горан Санев и Михаило Стојаноски од Музеј на Македонија, професорот Никос Чаусидис ќе говори за новите прилози за античките култови во Стоби, Сања Ивановска и Милан Ивановски од Националниот конзерваторски центар ќе ги претстават реализираните заштитни археолошки истражувања на ХС Злетовица, Киро Ристов од Музејот на град Скопје, најновите сознанија од локалитетот Таор и др. Во наредните денови ќе бидат презентирани и сознанијата добиени од истражувањата на Гробницата во Бонче, од железнодобната населба на локалитетот Лисиче, од средновековната некропола Ограда, с. Бистринци, Демир Капија, од локалитетот Тумба Маџари, заштитата на локалитетот Голема Пешт и др. За време на одржувањето на симпозиумот, во музејот Западна Македонија во НОВ, ќе биде поставена времената изложба „Археолошки наоди од Кичево и кичевско“ чиј автор е Гордана Спасовска-Димитриоска.
МАНД е формирано во 1972 година во Прилеп, а првиот симпозиум е одржан, следната 1973 година. Друштвото го издава списанието „Macedoniae acta arheologica“. (К.Б.)
|