„Кармен“ со бледа кореографска визура
Кон балетската претстава „Кармен“, во кореографија и режија на Џан Арслан од Турција
Емилија Џипунова
Во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“, која ја организира Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, на големата сцена при Македонската опера и балет минатата сабота се одржа премиерата на балетското дело „Кармен“, во кореографија на гостинот од Германија, Џан Арслан (по потекло од Турција). Кореограф, кој според биографските податоци своето танцово-кореографско искуство го стекнува преку работењето со многу познати кореографски имиња во светот и настапи на повеќе танцувачки свечености низ Европа. Но, бидејќи во биографијата не е наведено ниту едно негово кореографско дело, се чини дека поставката на „Кармен“ е негов прв кореографски зафат.
Инспириран од големото оперско дело на Жорж Бизе, работено според новелата на Проспен Мериме, Џан Арслан се одлучува оваа љубовна драма да ја преточи во кореографско-танцова визуелизација. Балет, што многу пред него го имаат направено повеќе кореографски имиња меѓу кои и еден од најпознатите француски кореографи, Роланд Пети, чија светска премиера е одржана на 21 февруари во 1949 година во „Принц“ театарот во Лондон, а на 3 јуни истата година во Париската опера. Во 1967 година Родион Константинович Шчедрин прави своја верзија на Бизеовата музика, врз која пак, во 1968 година, познатиот кубански кореограф Алфред Алонсо за потребите на балетскиот ансамбл и големата руска балерина Маја Присецкаја, ја прави кореографијата на „Кармен“, која со голем успех е изведена на сцената на „Бољшој“ театар.
Најавата, преку големата медиумска покриеност, за изведба на ова балетско дело, предизвика голем интерес кај публиката која до последно место го исполни Салонот на МОБ.
Комплексното ткиво на љубовната драма и палета на бои од шпанскиот колорит Џан Арслан ги составува во четириесет минутен чин во три слики, со исцепкана фабула и недоволно развиена иманентна драматургија. Драматургија преку која би требало на пластичен начин да го поврзе дејствието и да им вдахне живот на ликовите, артикулирани преку јазикот на движењето со внатрешна експресија и емоции стопени во матицата на звукот и музиката. Но, ако ја апстрахираме основната слабост на претставата-драматуршката компонента, тогаш секако треба да ги забележиме ефектните и убаво поставени ансамблови танци и нивната музичко-танцова кохерентност, како и неколкуте варијации во неокласичен балетски стил и особено инвентивната секвенца со Гатачката, како двојство и судбинска неизбежност на главниот лик Кармен. Што е, би се рекло, и основната поента во идејната замисла на либретистот и кореографот Арслан. Билјана Пашариковска пак, на премиерата, како и Искра Шукарова на репризата, со максимална еминирана енергија танцово и драматуршки го креираа ликот.
Релативно кусите и не многу кореографски инвентивно исконструирани дуетни танци, кои требаа да бидат вистинска рефлексија на емоционалната и судбинска неизбежност на љубовната драма, не и овозможија на Александра Мијалкова да ги покаже своите, веќе одамна преку големите балетски дела потврдени танцово-технички вредности и хармоничен спој со партнерите Бобан Ковачевски кој, доследен на својата задача во танцова и драматуршка смисла, ја толкуваше улогата на Дон Хозе и Дмитро Чеботар од Украина како Ескамиљо, приблесна со неколкуте извонредно високи, меки и стилски обоени скокови.
Младата и перспективна балерина Ивана Коцевска со широк замав, сигурна техника и пластично емотивно обоени движења ја толкуваше улогата на Кармен во втората изведба на делото.
Цврсто и сигурно на врвот од прстите, Наташа Николова го одигра своето парче како предводничка на Лошите девојки, а со изедначен танц и музичко-танцова кохерентност женскиот и машкиот ансамбл, на чело со Дафина, Стефанија, Сашка, Игор, Стефан, Агим, Драган, Мирослав и шесте војници предводени од Јан Кисилиев како генерал Цумига, ги одиграа ансамбловите новини на плоштадот од Севилја, во таверната на Лилас Пастија и сцената пред арената. Лесната и функционална сценографија обоена со илуминативни млазови беше дело на Зоран Костовски, а соодветно стилизираните по боја и крој костими, се креација на гостинката од Турција Гизем Бетил. |