До крајот на месецов сонце па дожд
Во Македонија неделава ќе има променливо време, а максималните дневни температури ќе достигнат до 28 Целзиусови степени, прогнозираат синоптичарите. Во сабота и во недела временските услови повторно ќе се стабилизираат, а од понеделник влажен бран ќе донесе нестабилно време со дожд. Во средината на третата декада овој месец ќе следува сончев период, а дневните температури малку ќе опаднат и ќе се движат до 23 Целзиусови степени. Кон крајот на септември Македонија повторно ќе биде под влијание на влажна воздушна маса, што ќе донесе нови врнежи од дожд и повторно благо намалување на дневните температурите и благ пораст на утринските.
Денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со услови за повремен слаб дожд, а од утре следува преодно стабилизирање и ќе преовладува претежно сончево и потопло, со дневни температури меѓу 22 и 28 Целзиусови степени.
„Задутре ќе има зголемување на облачноста, а кон крајот на денот и поинтензивни врнежи од дожд со локална појава на грмежи, особено во западните делови од земјава. И петок ќе биде врнежлив, а температурите ќе опаднат и ќе бидат во интервалот од 15 до 23 Целзиусови степени. Претежно стабилно ќе биде во деновите од викендот кога дневните температури ќе се движат меѓу 20 и 27 Целзиусови степени. До средината на третата декада од септември ќе следува период на сончево време со умерена облачност и со слаб умерен северен ветер“, вели Панче Трајановски, дежурен синоптичар во Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија. (Сн.К.) |