Убијците на полицаецот кај Танушевци уапсени во Нови Сад?
Српската полиција уапси браќа од Берово, МВР не знае дали тие се опасни терористи
Горан Адамовски
Браќата Јахи (28) и Беким (32) Мухаџери од Берово, кои пред две години избегаа од затворот „Идризово“, завчера беа уапсени во Нови Сад. Според српските гласила, браќата во Војводина се криеле со фалсификувани легитимации на Комесаријатот за бегалци од Србија, наменети за раселените лица од Косово, а за овие документи платиле неколку стотици евра. Јахи и Беким Мухаџери беа во „Идризово“ поради кражби на автомобили, но, според српските медиуми, по бегството, браќата го извршиле и ланскиот напад врз полициската патрола на МВР во близина на Танушевци, кога беше убиен еден, а ранети двајца полицајци. Во МВР велат дека немаат такви информации дека браќата Мухаџери го извршиле крвавиот напад кај караулата Кодра Фура.
Браќата од Берово биле уапсени во населбата Велики рат на периферијата од Нови Сад, откако српската полиција постапила по меѓународната потерница од Интерпол.
„Засега не е познато колку долго се криеле на ова подрачје, но извесно е дека во тоа им помагал новосаѓанецот Светозар Б. (70), кој им ги обезбедил легитимациите за раселени лица од Косово, кои ги продавал по цена од 50 до 100 евра. Со нив без проблем се шетале на поширокото подрачје од Нови Сад“, пишува белградска „Политика“.
Имајќи предвид дека станува збор за опасни криминалци, апсењето на браќата го извршиле специјални полициски сили на Србија. Според пишувањето на тамошните медиуми, акцијата на моменти била крајно драматична, бидејќи Беким го скршил покривот од една куќа и се заканил дека ќе се фати за блискиот електричен вод, ако акцијата не запре. Но, малку подоцна тој бил уапсен, при што се здобил со полесни повреди, кои веднаш биле санирани во Клиничкиот центар „Војводина“.
„Дека станува збор за опасни криминалци покажува и тоа што во меѓувреме се осомничени дека во близина на северната македонска граница кон Косово, убиле еден, а тешко раниле уште двајца припадници на македонската полиција“, тврди „Политика“.
Но, нашето Министерство не располага со такви информации. „По нив беше распишана меѓународна потерница поради бегство од ‘Идризово‘, поради што и биле уапсени во Србија. Засега немаме информации и докази дека учествувале во некој друг криминален или терористички чин“, тврдат во МВР.
Против браќата Мухареџи, српската полиција поднесе кривични пријави за фалсификување исправи, а им е изречен и екстрадициски притвор во траење од еден месец. Надлежните во Маке��онија веќе ги подготвуваат документите за испорачување на беровците во земјава.
Нападот за кој се сомничат беровците се случи во октомври минатата година кога беше пукано од патрола на пограничната полиција. МВР се' уште го нема расчистено случајот, а претпоставките беа дека во полицајците пукала „шверцерско-криминална група“. |