Седмиот печат
Акционен шпион што се жртвува за љубовта
Сунчица Уневска
Кон „Салт“, улоги: Анџелина Џоли, Лив Шрајбер, режија: Филип Нојс
Жесток, брз, стилизиран, мистериозен, полн со изненадувања. Така, на прв поглед, изгледа шпионскиот акционен трилер „Салт“ на Филип Нојс, со Анџелина Џоли во главната улога. Се чини дека овој филм успева во себе да вклопи се' што е карактеристично за овој вид на филмови, на моменти успева да личи на Џемс Бонд, но во друг момент и на оние класични акции во кои има многу претерувања или на трилери во кои веќе однапред се' е јасно.
Но, не е баш така. Бидејќи и покрај целото сомневање дека еден ваков филм може да донесе и нешто ново, факт е дека Филип Нојс и сценаристот Курт Вимер успеваат да не' изненадат и да го задржат вниманието докрај. Тие во филмот, како што е и вообичаено, ги користат сите актуелни моменти и одредени врежани убедувања, како заканата од нуклеарна војна, стравот на Америка дека ќе биде обвинета за поддржување на тероризмот, или односот со нејзиниот вечен ривал Русија, која подготвува специјално обучени војници за денот Х, па сепак, филмот е така воден што можеби не нуди ништо ново, но дефинитивно нуди нов пристап во старата игра. Ги поместува границите и заедно со Анџелина Џоли, на која очигледно и' лежат вакви улоги, создава еден поинаков имиџ, создава шпион, кој излегува од познатите шеми.
Филип Нојс е авторот што потпишува такви трилери, како што се „Сливер“ или „Тивкиот Американец“, и двата извонредно стилизирани, поинакви, полни со мистерија, но и секогаш водени од емоции и од вистинското чувство на припадност. Иако „Салт“ е сосем поразличен од овие негови исклучителни филмови, сепак, има нешто во што е сличен. А тоа е онаа силна емотивна база, тоа е љубовта, човечноста, жртвата. И токму тука Нојс го прави оној неверојатен спој на војникот трениран да ја изврши својата мисија по секоја цена, и на оној војник кој на крајот својот живот го претвора во бегство, бидејќи императивот, сепак, останува на страната на внатрешната борба, да се биде и остане човек.
Можеби тоа и звучи патетично, можеби така изгледаат и сите оние сцени со флешбекови, оние мигови што Евелин Салт ги носи во себе, мигови на нежност, на љубов, на припадност, на приврзаност. Но, факт е дека тоа е така вешто вметнато, што често одлуките или пресвртите умеат да изненадат, што и не е баш лесно кога станува збор за ваков вид филмови. Освен тоа, таа човечност и грижа за другиот, не може а да не ве поведе, особено што во филмот е така дадена, што ни малку не звучи банално.
Но, онаа стапица од која, сепак, Филип Нојс нема да успее да побегне, се акционите сцени и нивните граници. Филмот на моменти навистина станува смешен и тотално бесмислен кога Салт прави такви вратоломии, кои ги поминуваат сите граници на физиката. Тоа му ја дава баналноста на филмот и она чувство на манипулација со гледачот, поради што „Салт“ ја губи предноста која ја има. Таквите атрактивни, но бесмислени сцени го прават беспредметен напорот да ја сфатите играта или барем да ја следите, бидејќи ништо повеќе и не очекувате. Можеби, токму затоа филмот на моменти и успева да изненадува, но како и да е, тоа се нешта кои го носат во сосем друг правец.
Штета, бидејќи приказната за Евелин Салт, чие детство ќе помине во Русија низ една неверојатна школа за тренинг и за создавање совршени шпиони и војници, со кои Русија конечн�� ќе стане од пепел и ќе ја започне најголемата војна... Сите тие работи стануваат неважни во една претерана акциона авантура, кога средствата стануваат поважни од целта. А не е така, барем не ако се следи патот на Евелин Салт.
Во нејзината приказна авторот ќе го задржи оној предизвик што го води и него самиот. Тука е нејзиното лично преиспитување и превирање, тука е нејзиното трагање во себе и надвор од себе, водена од нешто што е непознато и за самата неа. Затоа, на крајот, и нема друго, освен продолжување по неминовниот пат, за да се стигне до сопствената суштина. Салт станува прогонета од другите, но и од себе, и тогаш кога е начисто што сака да постигне.
Оваа игра, за жал, не е доволно нагласена, за на крајот да ни го даде чувството на задоволство. Не, на крај „Салт“ исто го чувствувате банално, бидејќи не успева да ја избегне сопствената стапица. Опиен од атракцијата и фуриозното темпо, сепак, и ја одзема на Евелин Салт душата, односно она што овој филм можеше да го направи сосем поинаков. |