Кога антихероите имаат последен збор
Филип Алексовски и Антонио Арангеловиќ ќе го претстават својот прв стрип „Фацизам“
Бојан Шашевски
Младите уметници Филип Алексовски и Антонио Арангеловиќ утре во Музејот на град Скопје во 20 часот ќе го промовираат своето прво чедо, стрипот „Фацизам“. Ова илустративно дело е резултат на нивната долгогодишна посветеност, тотална предаденост и живеење со и низ стриповите, меѓусебната функционалност и љубов кон оваа, често заборавена, но универзално позната како деветта уметност.
Симбиозата со стриповите, како што изјавуваат, датира уште од нивното детство, а поткрепена е со соодветно ликовно образование и постојаната искрена интеракција со сликарството, графиките, цртежите. Тони и Филип навистина фасцинираат со својот креативен електрицитет, ентузијазам и голема доза на самодоверба. Она што ги споило, е заемниот интерес за уметноста, за хип-хоп културата, постојаното следење на филмови и јапонското аниме, кое „поттикнува едно чудо свежи идеи“.
„Идејата егзистира одамна и првичната замисла беше заедничкиот стрип ’Магла‘. Но, беше доста од разговори и планови, конечно се нафативме навистина сериозно да ја истераме работата докрај и од летово до октомври напорно работевме на „Фацизам“. Има десетици луѓе што се занимаваат со стрипови, но не ја извадиле креацијата на површина. Можеш да имаш купишта нацртани работи, но додека не ги видат луѓето – не правиш ништо“, истакнува Антонио Арангеловиќ алијас Тонио Сан, дипломиран графичар кој снима рап со познатиот колектив „Легијата“.
„’Фацизам‘ е олицетворение на влијанијата од различни стрип-мајстори. Да не бидеме погрешно сфатени, инспирацијата е оригинална, не се работи за нешто копирано или крадено. Персоналниот белег е видлив и распространет низ самите страници. Овој вид на стрип е стил што самите си го градиме и почнува со едно, а можеби ќе заврши на сосема различна локација и поинакво време, со сосема свои ликови и без измислени светови. Ќе има приказни од Токио, Њујорк, денешно и идно Скопје и, пред се’, ќе следи различни фаци“, објаснува Тони.
Филип Алексовски алијас Кинг Физе, студент на ликовна академија, кој има работено илустрации за „Детска радост“, на фреско сликарство и технички археолошки цртежи за ископини, вели дека „Фацизам“ е спојка од повеќе филмски поджанрови како криминалниот ноар, јакуза, трилер, блекс-сплотејшн... „Стилот на цртање е класичен – четка, туш и перо, без никакви современи помагала во изработката. ’Фацизам‘ ги содржи сите оние нешта со кои секојдневно се среќаваме и уживаме во нив, од музика, стрипови, цртани, па се' до рап омоти. Се работи за еден класичен постмодернизам. Зборот фацизам не постои, не е некоја посебна наука, но насекаде врие од луѓе кои сами по себе се ’фаци‘. Не мора да значи ако некој е фаца, дека треба да изгледа убаво. Напротив, може и да е грд, но неговата појава да е воочлива, силна, доминантна. Тоа е ’фацизам‘ и нашата интенција е да прикажуваме ликови кои се антихерои“, изјави Фиц, додавајќи дека иако најголема љубов им се стриповите, имаат енормна почит и познавање од повеќе области, од сликарство до вајарство, графика, мозаици, витраж...
Освен двајцата автори, кои се погрижија и за компјутерската обработка и графичкиот дизајн, цртежот и бојата на насловната страница е на младиот сликар Менсур Бојда, а изданието е печатено во „Софија“, во Богданци. Инаку, Тони и Филип додаваат и дека се отворени за соработка и се надеваат дека некој издавач ќе им излезе во пресрет. „Ние сами цртаме и издаваме. Кај нас стрип- индустријата не е на завидно ниво и не се поддржува многу. Не дека нема луѓе кои работат и кои и се посветени на таа стрип-култура, има одлични умови, но едноставно пазарот не и дава елан и не овозможува нејзин развој. Дури на стрипот се гледа со потсмев, се турка на страна, и тоа од многу сликари, графичари, професори по уметност. Прескокнуваме мал милион сопки и стресови за технички да дојдеме до конечниот производ. Многу работи претставуваат креативна препрека и го кочат стимулот за правење стрип. Од нашите сознанија во соседните земји, еве на пример во Србија, стрип-индустријата зема прилично голем замав. Српскиот ’Бели пут‘ ги откупи правата од ’Син Сити‘ и го имаат отпечатено без грешка - многу квалитетно“, додаваат тие.
Велат дека кај нас има стрип-форум каде што 300-400 луѓе разменуваат стрипови, идеи, дискутираат. Имаат и македонски стрип- магазин „Синдром“ кој што излегува на три-четири месеци. Но, и тие немаат издавачка куќа која ќе ги поттикне. Инаку, второто издание на „Фацизам“ најверојатно ќе излезе за некој месец, на почетокот на пролетта. Сметаат дека треба да помина некое време за убаво да „легне“ првиот број меѓу читателите. Ќе се менува стилот на цртање во „Фацизам“. Во овој број делот на Тони е составен од повеќе стилови, а на Филип е повеќе „ноар“, за следниот да биде манга. Наредното издание треба да донесе сајбер-панк приказна, постапокалипса, сместена во 2063 година во Скопје. Сметаат дека стрипот многу лесно може да скокне во минатото или во сегашноста. Концептот е таков. Без просторни, временски, па и жанровски граници. Ги интересираат само „фаците“. Тие ќе се надоврзуваат и ќе го имаат последниот збор.
„Фацизам“ утре на штандот во Музејот на град Скопје ќе се продава по промотивна цена од 200 денари, а посочија дека за дел од гостите ќе посветат и по некој цртеж. |