Сликарот Јордан Манасијески награден во Париз
Охридскиот сликар Јордан Манасијески учествуваше на годинешната изложба „Големите мајстори на утрешнината“, која во музејот „Лувр“ во Париз беше одржана од 22 до 24 октомври, а Јапонската асоцијација за современа уметност (ЈЦАА) му додели специјална награда за неговата слика „Молитва за радост“. Воедно, како израз на почит кон вредноста на неговите дела, асоцијацијата го поканила да биде дел од нивната изложбена колекција.
Јордан Манасијески на големите изложби во Париз е присутен од пред две години со учеството на светски познатиот, со стогодишна традиција, изложбен „Есенски салон“ на кој изложуваат сликари од различни земји од светот. Минатата година едно негово дело влегло во тесен избор за наградата Гран-при, а деновиве задоволен од големиот успех, посочи дека и годинава бил во голема конкуренција. Верува во идни успеси.
„Само ако има здравје и можности за работа“, рече, потенцирајќи дека бил изненаден од наградата, но и благодарен до Асоцијацијата за добиената можност за понатамошна соработка и презентација во други галерии во светот. Веста за наградата преку пошта ја добил во Охрид, каде сега се наоѓа награденото дело. „Молитва за радост“ е насликана во моето скромно ателје, а претставува порака и молитва за иднината“, рече. Последен пат на самостојна изложба се претставил во приватна галерија во Бон, Германија, во 2004 година, а во Македонија во 1999 година, во галеријата АЕРО во Скопје. Во Скопје минатиот ноември доби специјално признание за свој цртеж од Светската галерија за цртеж „Остен“. (К.Б.) |