Чехов - од денешен агол
Извадок од обраќањето на академик Милан Ѓурчинов на Свечениот собир што се одржа во МАНУ, по повод 150 години од раѓањето на Чехов
Милан Ѓурчинов
По низа години и децении откако Чехов беше еднодушно прифатен и славен како омилен, кроток и благодушен писател што не поставува „непријатни и провокативни прашања од поширок карактер“, за кого Корнеј Чуковски беше рекол дека со децении бил „неразбран писател“, а Василиј Гаросман дека „суштината на Чехов државата не ја разбира, затоа и го трпи“, настапи епоха во која чеховедите од 70-тите години на минатиот век започнаа подлабоко да проникнуваат во сушноста и далекосежните пораки на неговото бесмртно дело. Овде ќе споменеме двајца негови истражувачи кои дадоа најкрупен придонес во осветлувањето на Чехов на еден нов начин претставувајќи го како соговорник на луѓето од сета наша планета, кои денес се соочуваат со отворените прашања на социјален, морален и духовен план.
Првиот од нив, Александар Чудаков, со своите две книги: „Поетиката на Чехов“ и „Светот на Чехов“ поаѓајќи од погледите на руската формална школа, како и од модерните погледи за систематиката и семантиката изврши вистински „коперниковски пресврт“ во руската и светската книжевна наука.
Чешовскиот уметнички систем, пишуваше Чудаков, му беше туѓ на секоја телеологичност. Тој систем е свртен кон сложениот свет на реалноста во која никому не му е допуштен последен збор. Неприфаќањето на Чехов да се занимава со вечни, изострено напрегнати духовни прашања, создадоа мислење дека е тој автор кој го глорифицира обичното, секојдневното и баналното во животот и во стварноста, воопшто. Но, тоа е погрешно. Чехов го интересираше нешто друго, него го измачуваше проблемот на иднината на нашата планета, на духовното и физичкото здравје на човекот, на слободата и природниот интегритет на личноста. Тоа беше еден нов тип на уметничко-филозофски поглед на свет кој и денес го интригира секој негов читател и Чехов го прави актуелен за сите времиња...Големото и малото, вонвременското и непосредното, високото и ниското кај него се третираат како рамноправни категории. Во неговото книжевно писмо се е слеано во единство и не може да биде разделено.
Чудаков мошне придонесе, уметничката автентичност на Чехов целосно да биде сфатена и објаснета, но неколку чекори понатаму отиде Владимир Катаев, денес несомнено најпознатиот и најавторитетниот чеховед во светот. Тој постави една теза која денес никој веќе не може да ја спори: Чехов е исклучителен писател-новатор, кој проби нови патишта, но не само на во книжевното творештво, но тој е и профет кој предвиде многу нешта кои по него се до денес ќе се случат со човекот, со човештвото воопшто.
Така, ново чеховедение требаше да раскрсти со многу напластени предрасуди кои го затскриваа фактот на неговото големо и трајно присуство во современиот свет. Притоа, требаше дефинитивно да се укинат две дилеми: првата околу тоа дали е навистина Чехов само голем уметник, а слаб и немоќен мислител, дали него навистина го одликува бегство од „онтолошките прашања“, од „метафизичката конструктивност“ ш��о беше инаку присутно кај корифеите на руската литература во 19 век, а втората – конечно да се каже: дали во чехов треба да видиме крај на минатото или почеток на новот столетие. Катаев убедливо покажа дека таквите предрасудици беа обични заблуди и дека на луѓето на денешнината им претстои ново читање на чеховските текстови, уметнички и филозофски мисли и дека неговото залагање дека треба да се пишува наспроти сите правила и нормативности и да се отфрлат скаменетите форми, е најдобриот начин уметноста да се обновува и воопшто да опстојува и дека неговиот слоган: „Никој не ја знае конечната вистина“ и раскинот со големите апсолутисти не значи апологија на беспринципноста, а денес би рекле и постмодернистичката релативизација на вистината, на етиката и на референцијалноста, не е некој нов експеримент, туку став втемелен во универзалното искуство врз кое стои и се одржува од искони човечката цивилизација.
Затоа, според нас, Чехов е вечен писател, иако најнепосредно поврзан со своето време и својата почва. Не затоа што се бавел со „вечни теми“, а затоа што се бавел со суштинските елементарни прашања на човекот од сите вери, нации, раси и пространства, кои при сите разлики, се всушност – слични и идентични. Токму тоа ни овозможува и нам денешните луѓе, да се обидеме преку него да си одговориме на прашањето: Какви сме тоа ние денес? Ќе завршам со прашањето: За да одговориме на тоа прашање имаме ли ние овде потреба од некој нов Чехов? Можеби таквите Чехови постојат меѓу нас, само ние не ги гледаме или не сакаме да ги видиме... |