Французите пред парламент, Корејците во рудници, Нигерија во изолација
Репрезентацијата на Франција е дел од националното богатство и нормално е за неа да се расправа на највисоко ниво
Нигерискиот претседател Гудлак Џонатан донесе одлука фудбалската репрезентација на неговата земја две години да не учествува на меѓународните натпревари. Причина - раното испаѓање од Светското првенство.
„Господинот претседател нареди исклучување на нигериската репрезентација од сите меѓународни натпревари на две години, време за кое во нигерискиот фудбал треба да се направи реорганизација. Таа директива беше нужна со оглед на многу лошиот настап на Нигерија во Јужна Африка“, објасни советник на претседателот.
Тоа е најнов удар на политиката врз интегритетот на спортот и фудбалот кој е еден од темелните постулати на ФИФА.
Најновиот случај од Нигерија во кој политичарите во остварувањето на некои повисоки интереси во залог го држат дури и фудбалот не е единствен случај за време на ова СП, туку е само продолжување на многу експонираниот случај со Франција.
Претседателот Саркози реагираше како типичен африкански диктатор, по дебаклот на Франција во Ј. Африка и побара од министерката за спорт Розелин Башелот истрага и објаснување. Како последица стигна оставката на претседателот на федерацијата Жан Пјер Ескалете.
„На француската влада и на претседателот Саркози им праќам јасна порака. Ризикувате суспензија ако политиката продолжи да се меша во работата на сојузот. Француската федерација ја има нашата заштита од политичарите. Не не интересира дури и ако станува збор за претседателот на државата“, се закани Сеп Блатер.
„Ниту во еден момент француската влада не се мешаше во работата на Федерацијата, изјави портпаролот на француската влада Лук Шател, иронично токму на денот кога Ескалете и селекторот на заминување Доменек мораа да се појават пред парламентарната комисија и да го објаснат дебаклот во Јужна Африка.
„Потполно е нормално членовите на парламентот да сакаат да дознаат што се случи затоа што тоа е тема која ја окупира француската јавност“, објасни Шател.
Ниту неодамнешната изјава на министерката Башелот дека оставката на Ескалете е неизбежна, за портпаролот не е мешање во работата на сојузот.
„Тоа е само приватно мислење на министерката, таа никогаш не побара оставка од Ескалете“, објасни Шател.
„Репрезентацијата на Франција е дел од националното богатство и нормално е за не а да се расправа на највисоко национално ниво“, ја дообјасни целата заврзлама околу спортскиот и моралниот дебакла на „триколороте“ претседателот на Францускиот олимписки одбор.
И во комунистичката Северна Кореја, каде што единствен авторитет е „големиот“ лидер број два Ким Јонг Ил, фудбалот е најважна споредна работа во светот. Бившиот селектор Мон Ки Нам, кој во 2004 година пребегна во Јужна Кореја, на германскиот „Билд“ им понуди ексклузива.
„Во случај на победа севернокорејските играчи за награда добиваат големи станови. Но, ако загубат, може да завршат на принудна работа во рудник.
Ако се суди според оние 0:7 против Португалија и трите порази на СП, Севернокорејците веројатно сега се со лопати и копачи во рацете наместо со Јабулани. Но, во херметички затворениот „комунистички рај“ такво нешто е невозможно да се провери и да се аргументира. Сепак, индициите се јасни - и таму како и секаде политиката се меша во фудбалот.
Моментално под надзор на ФИФА се бројни земји, Кувајт, Того, Перу, Иран, Кенија па дури и Гана која е на СП. На Ирак неодамна и' беше симната суспензијата. Пред тоа и на Албанија. Голема криза предизвика ултиматумот на ФИФА дека на Полска ќе и' го одземат Европското првенство и ќе и' забранат настап во квалификациите за СП затоа што полското министерство за спорт поради наводна корупција ѕиркаше во фудбалската федерација.
На крајот се' се смири со дипломатска активност, што ќе рече дека ФИФА тренира строгост само со малите сојузи. Со оние големите, како неодамна со Полска и сега со Франција, се' се завршува на вербални препукувања. Сепак, интересите се посилни од принципите.
Фудбалот и политиката секогаш ќе останат два прста од една рака, без оглед што мисли за тоа господинот Сеп Блатер. |