„Утрински“ во Вимблдон
Слава што не потемнува
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Вимблдон и годинава, како што го прави тоа уште од 1877 година и од првиот турнирски победник Спенсер Гор, ќе ги прослави одново своите победници. Овие денешниве ќе ја имаат славата што им припаѓа и ќе влезат во историјата на овој, без претерување, најславен тениски турнир во светот, збогатени уште и со мошне високите парични награди што им следуваат на најдобрите. Кога ќе се чита овој текст, Британците ќе знаат дали нивниот единствен адут изминативе неколку години, Шкотланѓанецот Енди Мари, ќе ја прекине непријатната и за овдешните луѓе „мачна традиција“, да бидат одлични домаќини, но 72 години да немаат свој претставник во големото финале на централниот терен, или и натаму ќе продолжат да сонуваат за романтичните триесетти години на 20 век. Тогашната тениска ѕвезда Фред Пери, всушност, е последниот британски играч кој во 1936 година го освоил вимблдонскиот трофеј во машка конкуренција. Но убавината на овој турнир не е само во трката на денешните мајстори за освојување на трофејот, туку и во постојаното потсетување на славата на оние кои добар дел од денешната генерација млади во публиката не ги паметат како играчи, натпреварувачи или победници на престижниот турнир во југозападен Лондон, на кој тие и сега навраќаат.
Од пред години, во времето на одржувањето на „младешкиот“ Вимблдон и на дуелите на централниот и теренот под број еден, редовно се игра и еден сениорски турнир, на кој настапуваат помлади и постари тениски ѕвезди во двете категории. Нормално, тие се во сенка на битките на Федерер за да ги надмине рекодрите на Бјерн Борг, кој полека обелува, или на Пит Сампрас кој не го крие вишокот од некој килограм на своето тело, како и на настојувањата на Надал да им се приклучи по бројот на трофеите на Џон Мекинро, Андре Агаси и плејадата постари австралиски мајстори на „белиот спорт“ или на Германецот Борис Бекер кој на својата височина им ги додал килограмите на својата сегашна возраст. Годинава, исто така, има вакви натпреварувања, што обично се одржуваат во предвечерните часови, додека на главните борилишта битка бијат уште играчите во парови, во сите категории.
Додека главнината од гледачите полека заминува од целиот овој тениски комплекс од 19 терени, на кои дневно обично се собираат по околу 40 илјади луѓе, забележувам како многу луѓе одат во спротивната насока кон теренот 12, пред кои има толку луѓе кои сакаат да влезат, поради што е направен ред, од кој ме спасува само новинарската легитимација. Поводот за вака големио�� интерес за еден меч, пред завршувањето на уште еден натпреварувачки ден, е дуелот на четири тениски дами, ветеранки, сите поранешни шампионки или учеснички на Вимблдон. На една страна, парот Анабел Крофт и Магдалена Малеева, а на другата страна Јана Новотна и највозрасната меѓу нив Мартина Навратилова. Не е тајна дека најголемиот број од гледачите (повеќето сепак возрасни луѓе), се на малиот стадион за славната чехословачка и потоа американска тенисерка Навратилова, поради се што таа има дадено и постигнато во тенисот, поради нејзините бројни титули овде во Вимблдон, како и по разните турнири во светот во една исклучителна кариера и спортска слава што не потемнува.
Ја имам гледано Навратилова, преку телевизиските преноси многу години на ред, но прв пат имав можност да ја гледам во живо, на десетина метри пред мене, со тениски рекет во рака како одново освојува поени, жената за која јас и мојата генерација (барем оние што го сакаа и го следеа тенисот), навививаме, иако таа веќе е пензионер, а сега преокупирана со грижите околу здравјето. Годинава таа потврди дека се лекувала од ракот, прифаќајќи дека и тоа е дел од животот, што можеби беше дополнителниот поттик за луѓето стуткани на трибините да го гледаат нејзиното сегашно одмерување на силите со тенисерките од генерацијата со која и таа се натпреваруваше. Во времето кога Европа се делеше на „чрвена“ и на „сина“, односно на источна, комунистичка и на западна, демократска, Навратилова со своето решение да отиде во САД и таму да остане, беше долго време користена како мотив за идеолошко-политичките кавги на политичарите и на медиумите од тоа време. Таа меѓутоа не се претвори во пропагатор на една идеологија и политика за сметка на друга, па земајќи американско државјанство таа продолжи да го прави она што најдобро го знаеше, да игра тенис, што го научи во својата татковина и притоа, да победува и да освојува трофеи. Нејзиното појавување во Вимблдон и годинава, само ја покажува силината на љубовта што ја има за овој спорт и големата нејзина волја да се совладуваат сите пречки што се испречуваат во животот.
На другата страна од мрежата беше една Бугарка, за која признавам дека не занев ниту каде е ниту што прави сега, а таа во средината на осумдесеттите години беше ѕвезда на бугарскиот спорт, можеби не толку славна и позната како една Стевка Костадинова, светска рекоредерка во скок во височина или трискокашот Христо Марков, но доволно добра тенисерка за да и се спротивстави и да ја победи, ако треба и една Моника Селеш, кога таа играше како Југословенка, пред да се пресели и да остане во САД. Магдалена Малеева имав можност да ја гледам во она време на терените во Софија, кога таа ќе навратеше од бројните турнири по светот на кој таа, а подоцна и нејзината сестра, настапуваа. Кога тогашното бугарско партиско раководство сфати дека успесите на сестрите може да се користат во пропагандни цели, за да се величаат наводните успеси на партијата и државата, Малеева како и другите врвни бугарски спортисти од комунистичкиот период ги имаа сите привилегии во општеството што другите можеа само да го сонуваат. Таа и нејзината сестра, меѓутоа, впечаток е дека повеќе како да беа раководени од нивната амбициозна мајка, по потекло од локалната еврејска заедница, отколку од пропагандниот апарат на партијата. Малеева беше премногу често во странство, за да може да се третира како политички дисидент, како што тоа беше Навратилова, па затоа и немаше потреба да бега на Западот, каде и онака почесто живееше отколку во својата Софија.
Ми остана во сеќавањето по тоа што беше мошне шкрта околу давањето изјави или интервју, живеејќи и играјќи во својата затвореност, веројатно од страв да не погреши или да каже нешто што не би требало. Сега немаше ниту простор да зборува, зашто и таа и другите беа во сенка на Навратилова. Чешкиот пар (како што го најавуваа) Навратилова-Новотна ги победија со 2:0 Малеева и Крофт и добија силен аплауз од гледачите. Награда за играта, колку што тоа им приличи на годините на овие четири сениорки, добија сите, затоа што во овој случај, колку и да станува збор за турнир, победникот беше тенисот и она што овие жени во најубавите години и го дале на оваа игра. |