Нигерија доби 48-часовен ултиматум од ФИФА
Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) вчера објави 48 часовен ултиматум до Нигерија во кој тамошната влада мора да ги повлече сите свои одлуки со кои се меша во работата на Нигериската фудбалска федерација (НФФ).
„Ако нигериската влада не ги повлече своите одлуки, ќе мора да ја суспендираме земјата. Одлуката ќе ја донесеме во наредните 48 часа“, порача генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке.
ФИФА има прецизно правило според кое политиката не смее да се меша во работата на националните фудбалски федерации.
Нигериската влада именува привремена комисија чија задача е да го реорганизира фудбалот во земјата по одлуката на претседателот Гудлак Џонатан да ја повлече фудбалската репрезентација на оваа африканска земја од сите меѓународни натпреварувања во наредните две години. На чело на комисијата е назначен поранешниот секретар на НФФ, Мамуд Кадири, а во неа членуваат и двајца поранешни нигериски репрезентативци, Џеј Џеј Окоча и Самсон Сијасија. Комисијата треба да почне со работа во понеделник. Меѓу другото, задача на комисијата е организирање и на нови избори за челните позиции во НФФ, откако владата одлучи дека на актуелниот претседател Саниј Лули и неговиот Извршен одбор му истече мандатот.
По неуспехот на нигериската фудбалска репрезентација на Светското првенство во Јужна Африка и освоениот бод во трите одиграни меча, претседателот Џонатан реши да забрани секакви меѓународни активности на сите национални селекции во период од две години. Долниот домна нигерискиот парламент, во меѓувреме, во четвртокот донесе резолуција со која го моли претседателот да ја поништи својата одлука. |