Џексон останува на клупата на Лејкерси
Фил Џексон, кој ја освои рекордната 11. НБА-титула во јуни, ги напушти плановите за повлекување и ќе остане тренер на Лос Анџелес Лејкерс уште една сезона. Џексон (64) почека со донесувањето на одлуката до завршувањето на годишните медицински прегледи. Тој ќе се врати во обид да ја освои третата шампионска титула во низа, постигнување што веќе го има остварено три пати досега.
„Сметајте на мене“, изјави популарниот „поглавица“. „По неколку седмици безбелничење време е за враќање на предизвикот да се собере заедно тим што ќе може да ја одбрани титулата во сезоната 2010/2011. Тоа ќе биде последен ангажман за мене и се надевам одличен“.
Џексон, веќе „станар“ на Нејсмитовата „Кошаркарска куќа на славните“, освои две шампионски титули како играч, но најголемите успеси ги постигна како тренер. Тој собра шест титули со Чикаго Булс и пет со Лејкерси. Неговите 70,5 проценти победи во основниот дел од 19 сезони како тренер и 69,7 отсто во плејофот се најдобри на сите времиња во НБА.
Џексон, кој имаше две операции за замена на колковите од 2006 година наваму и ангиопластија за одзатнување на затнатата срцева артерија во 2003 размислуваше за пензија неколку сезони.
„Крајно задоволни сме што Фил реши да се врати“, изјави генералниот менаџер на Лејкерси, Мич Купчак. „Вклучувајќи го последното првенство, освоивме пет титули во десетте сезони во кои тој беше наш тренер и игравме во финалето во седум од тие десет сезони, што е феноменално“. |