Андорските Португалци со петарда испратени дома
Сашко Ѓ. Димовски
За време на дводневниот престој во Скопје се челичеа и ја подигнуваа самодовербата со „I will survive“, музичка нумера по која се полудени и за која велат дека им е омилена, ја слушаат, ја пеат и играат секаде каде што патуваат, но на „Филип Втори“ во Скопје не преживеаја, во резултатска смисла се разбира. Фудбалерите на Луситанос понесоа полна мрежа голови назад кон дома. Загубија со 5:0 во првиот меч од воведното квалификациско коло за Лига Европа од трикратниот македонски шампион, Работнички, кој во целост ја оправда фаворитската улога што ја прифати пред двомечот со андорските Португалци. По еднаш во листата на стрелци се запишаа Филјо, Вандеир и Муарем, двапати Фабио, во 90 минути во кои разликата во квалитет беше повеќе од очигледна, а конечниот исход лесно можеше да се случи да биде изразен и со поголема разлика. Доколку „романтичарите“ беа поприсебни во завршницата на нападите ќе си обезбедоа плус причина за задоволство. Ќе го собореа рекордот на најубедливи победи на македонските екипи во европските натпреварувања што впрочем е во нивна сопственост. Еден гол му недостасуваше на овој тим на Работнички да се израмни со оној од сезоната 2005/06 кој во првиот меч од првото квалификациско коло за Лигата на шампионите, во Скопје, го декласира летонскиот првак Сконто со 6:0. Вака, на фудбалерите на Работнички, им преостанува да чекаат нова прилика во иднина или да се обидат да го сторат тоа веќе за седум дена во реваншот со Луситанос во Андора.
Победникот од овој двомеч во второто квалификациско коло за Лига Европа го очекуваат дуели со екипата на МИКА од Ерменија.
Работнички - Луситанос 5:0
Полувреме: 2:0. Национална арена: „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 1.000. Гл. судија: Јонут Мариуш. Помошници: Октавијан Совре и Кристијан Мирчеа (сите тројца од Романија). Ж. картони: Пиње, Антуњеш (Луситанос). Стрелци: Филјо 24’, Вандеир 36’, Фабио 55’, 57’, Муарем 61’ за Работнички.
Работнички: Наумовски, Димовски, Секуловски, Бојовиќ, Фернандо, Тунески, Глигоров, Муарем, Филјо (Петковски 64’), Фабио (Марсио 60’), Вандеир (Синковиќ 73’). Тренер: Зоран Стратев.
Луситанос: Бенитез, Де Фре (Гарвен 63’), Родригеш, Есклеи, Франко (Гуизо 50’), Де Брито, Пиње, Гомеш, Антуњеш, Абојат (Меза 52’), Пешото. Тренер: Висенте Маркез Гонзаи. |