Високиот трговски дефицит закана за девизните резерви
Годинава се пониски трансферите од странство, па е уште потешко да се испегла минусот
Нина Нинеска-Фиданоска
Има ли Македонија одговор на прашањето каква е опасноста од драматично високиот трговски дефицит, кој секој месец урива нови и нови рекорди и какви последици може да предизвика тој врз македонската економија, особено доколку со вакво темпо продолжи да се движи до крајот на годинава?
Само за првите четири месеци од 2008 година минусното салдо во размената со странство се искачи на рекордни 902 милиона долари. Иако не е упатно да се прават такви прогнози, математиките говорат дека ако многу скоро не се смени нешто во позитивна насока, постои ризик трговскиот дефицит до крајот на годинава да надмине две, па дури и 2,5 милијарди долари?
Прашањето како ќе се „пегла“ дефицитот особено се поставува во услови кога од почетокот на годинава се прилично ниски приватните трансфери од странство, како еден од главните приливи што го покриваше досега минусот во трговската размена и даваше избалансиран биланс на плаќање. Вториот прилив од кој се „затвора“ трговскиот дефицит се странските инвестиции, за кои не е познато како ќе се движат во наредните месеци.
Од тие причини, нејасно е како ќе се покрива оваа празнина до крајот на годинава доколку приватните трансфери и натаму се мали, а странските инвестиции не стигнат во она ниво што се очекува.
Дел од експертите предупредуваат дека во услови на такво сценарио ќе мора да се користат девизните резерви на земјава, што битно ќе ја намали нивната позиција. Во најлош случај, пак, Македонија ќе мора и да се задолжува за да ги покрива дупките во платниот биланс, што значи да влегува во нови обврски, иако не така одамна предвреме отплаќаше кредити кон некои од странските кредитори.
Според последната месечна информација на Народна банка на Македонија, во првите два месеца на 2008 година на тековната сметка на билансот на плаќања е забележан дефицит од 112,2 милиона евра. „Тоа во најголем дел се должи на понатамошното продлабочување на трговскиот дефицит, во услови на годишен пад на приливите врз основа на приватни трансфери. Врз основа на овие остварувања, се очекува дефицитот на тековната сметка за првиот квартал на 2008 година значително да го надмине проектираниот дефицит“, се вели во информацијата од централната банка.
Постои ризик од вл��шување на условите на трговската размена, главно поради динамиката на движење на светските цени на енергенсите и на храната.
Приватните трансфери во првите два месеца од 2008 година бележат годишен пад од 15,2 отсто. Според последните расположливи податоци, за првите четири месеци на 2008 се остварени нето-приливи од менувачко работење во износ од 142,7 милиони евра, кои на кумулативна основа бележат годишен пад за 31,9 проценти.
Трговскиот дефицит врши најголем притисок врз девизните резерви на државата. Доколку тој расте, ќе мора да се намалуваат девизните резерви на државата. Но, наши извори што ги познаваат состојбите во централната банка тврдат дека, и покрај тоа, земјава имала доволно девизни резерви за да го штитат фиксниот девизен курс на денарот, па затоа во тој дел немало воопшто простор за загриженост. Исто така, сега состојбите на девизниот пазар во земјава биле мирни, па дури имало и откуп на девизи од страна на НБМ, така што малку се и зголемени девизните резерви. Во поглед на извозот се очекува позитивно да се решат некои проблеми со извоз во Грција, кој бил блокиран, што малку ќе го ублажело трговскиот дефицит. Во мај било забележано и мало зголемување на приватните трансфери, па сега се очекува да се види како тие ќе се движат во следниве месеци и дали во тој дел ќе се поправат состојбите.
Нашите извори не веруваат дека Македонија ќе мора да се задолжува. „Има доволно ниво девизни резерви. Можеби ќе мора да се потроши дел од нив за да се покрие дефицитот и ќе се затвори годината. Другата година веројатно ќе има поповолни движења. Во секој случај, нема никаква опасност и целосно ќе се одбрани девизниот курс“, тврдат нашите соговорници. |