Предрасудите пречка за бизнисот меѓу Македонија и Бугарија
Предрасудите се една од главните пречки поради кои економската соработка меѓу Бугарија и Македонија е на ниско ниво, сметаат претставници од стопанските комори на двете земји. Засега трговската размена меѓу двете земји изнесува 250 милиони долари, а македонските и бугарските компании се' уште не реализирале ниту еден заеднички проект.
„Размената долго време не задоволува, го нема оној вистински, добрососедски однос, пред се', поради предрасудите меѓу двете земји. Тоа е голема пречка за развој на стопанствата, но се надевам дека бизнисот ќе ги надмине овие проблеми“, изјави Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора - Скопје.
Ромео Шатев од Регионалната комора на Благоевград ја квалификува како срамна економската соработка и порача дека бизнисмените од двете земји мора да работат на нејзино интензивирање.
„Засега нема конкретна соработка меѓу македонски и бугарски фирми. Сакаме да воспоставиме бизнис-врски, да гледаме напред. Размената е многу мала, а причината може да се бара во двете страни. Многу полесно е да се прави бизнис меѓу Македонија и Бугарија отколку меѓу Македонија и Нов Зеланд или Канада, нагласи Шатев.
Учесниците на форумот сметаат дека туризмот, индустријата, дрвната и прехранбената, енергетиката и шумарството се клучните сфери во кои компаниите би можеле да најдат заеднички интерес.
Според податоците од Стопанската комора, Бугарија е на десетто место во трговската размена со Македонија. (А.П.) |