Милијардите за спас стигнаа во Грција
Брисел - Во последен момент парите за спас пристигнаа во Грција. На оваа држава вчера и' беа префрлени 14,5 милијарди евра како прва транша од европскиот заем, односно од земјите од еврозоната. Од ММФ, пак, Грција добива 5,5 милијарди евра, или вкупна сума од 20 милијарди евра. Овој трансфер беше планиран, со цел да и' се помогне на владата во Атина да ја финансира исплатата на долгот. Веќе денес Грција треба да исплати 9 милијарди евра од својот облигационен заем, така што парите пристигнуваат буквално во крајниот рок.
Вчера Европската комисија информираше дека е префрлена првата транша за Грција. „Средствата се префрлени“, изјави портпаролот на Еврокомисијата. Тој потсети на изјавата на еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен, дадена завчеравечер по средбата на Еврогрупата во Брисел.
Пакетот од 14,5 милијарди евра е дел од кредитната програма во износ од 80 милијарди евра за три години, што и' беа ветени на Грција од нејзините партнери во еврозоната. Од своја страна ММФ ќе обезбеди кредити за 30 милијарди евра.
Грчкиот весник „Та неа“ денеска пишува: „Сумата од 14,5 милијарди евра пристигнува во последен момент“, имајќи предвид дека денес завршува рокот за исплата на грчкиот облигационен заем од девет милијарди евра. Инаку, комесарот за економски и монетарни работи, Оли Рен завчеравечер изјави дека 20 милијарди евра од Унијата и од ММФ веќе се трансферирани за Грција. (Според агенциите)
|