ЛДП: Да се укине одлуката за откуп на пченица
Владата веднаш да отстапи од планот за откуп на пченица три спрема еден, со која би се дозволило да се увезува за да се избегне вештачката моментална криза, да се стабилизира пазарната цена на брашното и да се испочитува најниската усвоена откупна цена на пченицата, порачува Либерално-демократската партија. „Освен тоа што Македонија не може сама да ги задоволи потребите од пченица, соседните држави од кои досега вршевме откуп на пченицата беа децидни со своите изјави, за да се заштитат од кризата нема да ја извезуваат. Ова следуваше откако најголемиот производител, Русија, се соочи со недостиг од пченица за сопствените потреби и нивната влада донесе забрана за извоз на пченица“, истакна на вчерашната прес-конференција Сла��ољуб Тотиќ од ЛДП.
Според него, Владата треба да реагира навреме со точни пресметки за годишните потреби од пченица, а не да се прави вештачка криза. „Моментално цената на лебното брашно на пазарот се движи 22 денара за килограм и е со тенденција на покачување, додека цената на лебот е 18 денари, но не е тоа главниот проблем со кој се соочуваат производителите на леб, покрај поскапувањето на пченицата веќе поодамна се покачени за 10 до 15 отсто цените на другите продукти што се основни за производството на лебот“, вели Тотиќ. ЛДП ја повикуваат Владата да ги заштити граѓаните од поскапување на лебот, бидејќи „во последно време граѓаните се' повеќе купуваат стар леб за половина цена од реалната цена на пазарот“.
Веднаш реагираше Министерството за земјоделство, кое соопшти дека не постои криза со лебната пченица. „Министерството уште еднаш ќе повтори дека нарушување на пазарот со пченица нема и дека секојдневно се следи состојбата. Не постои никаква, а камоли некаква вештачка криза. Министерството и Владата, за разлика од ЛДП, не ги штити само интересите на одредени стопански субјекти туку ги штити вкупните интереси на сите фактори на пазарот. Одлуката за врзувањето на извозот на пченица и на брашно со откуп на домашната пченица е донесена врз опсежна анализа и по многубројните разговори и барања на земјоделците и на мелничарите“, стои во соопштението од Министерството за земјоделство. Оттаму додаваат дека преиспитувањето на одлуката ќе зависи од анализи, а не од притисок на одредени лоби групи. (Ек.Р.) |