Број 3365  понеделник, 23 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Загубите на фирмите растат - добивките се топат

Компаниите не покажуваат знаци на заживување и динамика

Соња Маџовска

Фирмите редат или загуби или значително намалени добивки.

Резултатите за работењето на македонските компании во првите шест месеци од годинава покажуваат дека тие тешко излегуваат од кризата, па дури може да се каже дека годинава послабо им оди од лани. Кај дел од компаниите се гледа дека тие во првото полугодие од годинава го достигнале дното. Намалената продажбата на производите и на домашниот и на странските пазари, неликвидноста и стравот да влезат во нови инвестиции, им ги изеле профитите на компаниите.

„Симптоматично е што лошите резулт��ти на компаниите во Македонија се покажани во период во кој целата светска економија покажува сериозни знаци на заздравување. Нашата Влада цело време тврди дека нашата криза исклучиво се должи на последиците од светската криза, меѓутоа сега очигледно дека резултатите покажуваат нешто сосема спротивно. Дека во услови на заздравување на економиите во развиените земји, нашата економија и натаму покажува негативни резултати. Таквото споро заздравување на македонската економија мора да се должи и на внатрешни фактори, меѓу кои се несигурноста на правниот систем, влошените општи услови за стопанисување, неликвидноста што се создава од јавниот сектор и долг период во кој нема обиди за преструктуирање на економијата. За жал, македонската економија не покажува знаци на заживување и динамика. Во такви услови Владата мора да го напушти својот модел на економска политика, кој, очигледно, не дава резултати и да се ориентира кон некој поинаков модел, кој повеќе ќе се базира на штедење и на инвестиции отколку на зголемување на потрошувачката и на увозот“, смета поранешниот министер за финансии, Никола Поповски.

Деновиве фирмите ги објавуваат извештаите за сработеното во првото полугодие и на прсти се бројат оние што оствариле подобри резултати од лани. Од компаниите води „Алкалоид“, а од банките Комерцијална. Но, поголемиот број фирми се или во загуба или со преполовени добивки.

Најдрастичен е примерот со нафтениот гигант „Макпетрол“. Тој во првото полугодие од годинава работел со загуба повисока за 46,6 отсто, споредено со истиот период лани. Според неревидираниот извештај на компанијата, таа остварила загуба од 5,3 милиони евра, и е повисока за 1,7 милиони евра, или 46,6 отсто од искажаната загуба во истиот период лани кога загубата изнесувала 3,6 милиони евра.

Загуба бележат и дел од прехранбените капацитети. Така, „Жито Вардар“ од Велес во првите шест месеци од годинава прикажа за седум пати поголем загуба од истиот период лани, а за 10 отсто има намалување на приходите од продажба, кои изнесуваат 9,5 милиони евра, а лани имале 10,5 милиони евра приходи од продажба.

Прилепска „Витаминка“ добро се држи со минимално намалена добивка. Оваа прехранбена компанија во првите шест месеци од годината оствари добивка од околу 287 илјади евра, што е помалку од истиот период лани кога компанијата оствари добивка од 300 илјади евра.

„Жито лукс“ има зголемување на бруто-добивката за периодот јануари - јуни 2010 година од 13,5 отсто, што резултирало со зголемување на оперативната добивка за 41,4 отсто, споредено со полугодишните резултати од минатата година.

Кај градежните компании, иако се очекуваше дека ќе имаат раст на добивките поради нивната ангажираност и дома и надвор, сепак, бележат пад на профитите. Првите шест месеци од годината, една од најголемите градежни компании „Гранит“ ги заврши со 5 отсто помалку приходи од продажба, споредено со истиот период лани. Намалувањето на приходите според неревидираниот извештај на компанијата се должат на намалената продажба на домашниот пазар за 4 отсто и 11 отсто на странските пазари. Добивката во првите шест месеци од годинава изнесува 2,2 милиона евра, и е за 22 отсто помала споредено со истиот период лани. Градежната компанија „Бетон“ во првите шест месеци од годината остварила приходи од 12,5 милиони евра, што е за 28 отсто помалку отколку истиот период во минатата година кога приходите изнесуваа 17,5 милиони евра. Оперативната добивка на компанијата според неревидираниот финансиски извештај, исто така, е намал��на за 14 отсто, споредено со истиот период лани и изнесува 290 илјади евра.

Светската криза, која посебно го погоди текстилниот сектор во земјава, сепак, не влијаеше негативно врз работењето на текстилниот комбинат „Тетекс“. Во првите шест месеци од годинава комбинатот реализира добивка од околу 107 илјади евра, што е за 20 илјади евра повеќе од лани кога во првото полугодие компанијата остварила добивка од околу 90.000 евра, стои во неревидираниот извештај на комбинатот.

Најголема разлика во добивките има кај двете најголеми банки во земјава. Додека Комерцијална банка бележи рекорден раст на профитот, Стопанска банка има огромен пад на добивката.

Во првото полугодие Комерцијална банка остварила добивка од осум милиони евра, која е поголема за 47,4 отсто, споредено со истиот период лани кога добивка изнесувала 5,46 милиони евра. Остварените нето-приходи од камати бележат зголемување од 6,1 отсто во однос на истиот период лани, а кредитниот раст на банката во периодот јануари - јуни 2010 година изнесува 1,5 отсто. Стопанска банка, пак, во првите шест месеци од годинава остварила добивка од 1,7 милиони евра, што споредено со истиот период во минатата година е помала за петпати. Банката во истиот период од минатата година имаше добивка од 9,4 милиони евра. Стопанска банка според неревидираниот извештај, најмногу приходи остварила од камати и од провизии, а трошоците и' ги зголемиле средствата што ги одвоиле за лошите пласмани.

И на крајот мора да се истакне дека лидер според остварени резултати кај компаниите е скопски „Алкалоид“. Најголемата фармацевтска компанија во земјава во првите шест месеци од годинава бележи позитивни финансиски резултати, и тоа раст на консолидираните продажби за 6,3 отсто споредено со истиот период минатата година, кои изнесуваат 46,2 милиона евра. Податоците покажуваат дека единечните продажби за истиот период бележат пораст за 5,9 отсто, доколку се спореди со ланскиот период. Кај добивката има раст од 4 отсто во однос на лани и изнесува вкупно 4,7 милиони евра.


#
Статијата е прочитана 1632 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Економија
Македонија најнеатрактивна на балканскиот пазар на недвижности
Грција ја побара втората транша од кредитот
Тројно зголемено производство на нафта во Албанија
ЛДП
Американскиот јавен долг 140 проценти од БДП