Семенја победи во првата трка по принудната пауза
Контроверзната светска првенка на 800 м славеше во финското гратче Лаперанта
Светската шампионка на 800 м, Кастер Семенја од Јужна Африка, славеше во својата прва трка по враќањето на патеката прексиноќа откако направи речиси едногодишна принудна пауза поради контроверзните тестови за проверка на полот. Семенја победи со време 2:04,22 мин. во гратчето Лаперанта на југоистокот од Финска во нејзиниот прв официјален настап по освојувањето на златниот медал со време 1:55,45 мин. на Светското првенство во Берлин минатиот август.
„Не е лесно да се појавиш и да истрчаш 2:04 откако си преседел 11 месеци дома. Затоа, да, јас сум доста задоволна со формата“, изјави Семенја. Деветнаесетгодишната атлетичарка има во план да настапи и во Лапинлахти, централна Финска, в недела, по што ќе се врати во Јужна Африка за да поработи на својата физичка подготовка.
„Што повеќе се тркаме, толку повеќе ќе добиеме“, одговори Семенја на прашањето што треба да стори за да достигне добро ниво на физичка подготвеност.
Нејзиниот тренер и' ги постави на Семенја за цел Игрите на Комонвелтот во октомври, а портпаролот на јужноафриканската атлетска федерација АСА, Ричард Стандер, е убеден дека таа ќе се натпреварува во Њу Делхи.
„Таа дефинитивно изгледа добро за Игрите на Комонвелтот“, вели Стандер. „Има три месеца до настанот, а неа веројатно ќе и' требаат околу шест недели за да влезе во топ-форма. Оттаму, таа има доста време за подготовка“.
На Семенја и' беше дозволено да се натпреварува како жена од светската атлетска федерација ИААФ на 6 јули. Поради нејзината недоволна физичка подготвеност, АСА реши да не ја вклучи во репрезентацијата за јуниорското СП месецов и за Африканскиот шампионат. |