Анри се повлече од репрезентацијата
По дебаклот на СП, напаѓачот избра нов почеток во САД со Њујорк Ред булс во Мејџор лигата
Францускиот напаѓач Тиери Анри објави дека се повлекува од националниот тим, со што и' стави крај на богатата репрезентативна кариера, во која ги освои речиси сите големи трофеи и почести како играч. Светскиот и европски шампион го потврди своето очекувано закачување на клин на дресот на „триколорите“ откако реши да го напушти европскиот клупски фудбал за нов почеток во САД со Њујорк Ред булс во Мејџор лигата. Ѕвездата на возраст од 32 години има 123 настапи за Франција, во кои постигна вкупно 51 гол. Последниот меч го одигра како замена на Светското првенство во Јужна Африка минатиот месец.
„Решив да се повлечам, во мојата глава, пред СП“, изјави тој на прес-конференцијата во комплексот на Ред булс во предградието на Њујорк. „Само, не сакав да го објавам тоа пред Mундијалот. Ова е уште една работа што требаше да ја направам. Посветен сум сто проценти на каузата овде и тоа е тоа што сакам да го правам“.
И покрај согласноста да продолжи да игра на клупско ниво уште 4,5 сезони, Анри изјави дека никогаш не ни помислил да го помине Атлантскиот Океан за да ја продолжи својата меѓународна кариера.
„Сакав да бидам способен да дојдам тука и да му бидам на располагање на тренерот“, вели тој. „Кога тој ќе побара од мене да тренирам, ќе тренирам. Кога ќе сака да имам слободен ден, ќе имам“.
Иако неговата кариера заврши со дебакл на француската репрезентација на СП, кој ја исфрли на површина дисхармонијата меѓу играчите и Стручниот штаб, Анри ќе биде запаметен како еден од најценетите француски напаѓачи, кој имаше успех и на клупско и на репрезентативно ниво. Природно надарениот фудбалер првиот договор го склучи со францускиот прволигаш Монако уште на 13-годишна возраст во 1991 година, а за првиот тим дебитира во почетокот од сезоната 1994/95, кога тренер му беше Арсен Венгер.
Анри му помогна на Монако да го освои француското првенство во 1997 година, што му донесе деби во националниот тим следната сезона. Одигра шест од седумте натпревари на Франција на СП 1998, на кое ја освои титулата како домаќин, при што Анри постигна три гола во групата, но остана на клупата во победата од 3:0 над Бразил во финалето.
Анри пом��на осум сезони во Арсенал, во кои освои две премиерлигашки титули и три ФА-купови, постигнувајќи повеќе голови од кој и да е друг фудбалер што го носел дресот на „топчиите“. Тој собра и еден куп поединечни награди, како што се трите признанија за играч на годината според фудбалските известувачи пред да ја напушти Англија и да замине во Барселона во 2007. Таму освои дури и повеќе, како што се шпанската, европската и светската клупска титула.
Откако со репрезентацијата триумфира на СП 1998, две години подоцна се закити и со европската титула, но собра доста разочарувања во остатокот од својата репрезентативна кариера. Франција на СП 2002, како бранител на титулата, не даде ниту еден гол и беше елиминирана уште во групната фаза. Четири години подоцна. Четири години подоцна во Германија го загубија финалето против Италија на пенали.
Анри беше во центарот на горчливата контроверзија, кога неговото играње со рака во баражот со Ирска не беше санкционирано и во продолжението од акцијата падна и голот што ја одведе Франција на СП во Јужна Африка. На бранот на критиките тој за малку не се повлече од националниот тим уште тогаш, но потоа се согласи да биде на располагање за СП, каде што ја грееше клупата во својата последна акција во дресот на „галските петли“.
„Јужна Африка немаше удел во мојата одлука“, вели тој. „Можев да ја објавам и пред СП, но не сакав за да не влијаам врз тимот. Сега е вистинското време за мене да се пензионирам“. |