Број 3335  сабота, 17 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Спорт

Трета победа за Кевендиш, Реншоу дисквалификуван

Етапата број 11 на Тур де Франс во сенка на инцидентот во кој тимскиот колега на победникот удри ривал со глава

Марк Кевендиш победи во 11. етапа на Тур де Франс, негов трет триумф во годинашното издание на најпрестижната велосипедска трка, по групниот спринт во финишот од делницата од Систерон до Бурж ле Валенс. Етапата долга 184,5 км, сепак, ја обележа дисквалификацијата на неговиот тимски колега од ХТЦ Колумбија, Марк Реншоу, поради попречувањето со глава на конкурентите додека му го расчистуваше патот на Британецот до целта.

Вкупно 13. етапна победа на Кевендиш на Тур падна во сенка на инцидентот во кој тогаш водечкиот Реншоу некоректно изреагира на обидот на Новозеланѓанецот Џулиен Дин, работејќи во корист на спринтерот Тајлер Фарар, да му го блокира патот. Австралиецот Реншоу на тоа одговори со два удара со глава врз возачот на Жармин за да го тргне од патот на Кевендиш.

Британецот победи пред Италијанецот Алесандро Петаки, кој ја презеде зелената маичка наменета за освојувачот на најмногу поени, а Фарар заврши трет. Луксембуржанецот Енди Шлек го задржа водството во вкупниот поредок со предност од 41 секунда во однос на бранителот на трофејот Алберто Контадор.

„Реншоу е надвор. Ја прегледавме снимката уште еднаш и таа не остава сомнеж. Тој два пати го удри Дин со глава“, изјави директорот на трката Жан-Франсоа Пешо. „Ова е велосипедизам, не тепачка. Сите можеа да завршат на грб“.

Само неколку минути откако ја прегази целната линија, Реншоу им рече на известувачите: „Или Дин со вртењето влево ќе ме испрати во оградата и ќе паднам или јас ќе се обида да му се спротивставам. Немав друга опција. Таков е спринтот“.

Меѓутоа, 27-годишникот подоцна изјави дека одлуката на жирито на трката не е изненадување.

„Го очекував тоа“, прокоментира тој по телефон.

Тимот на Реншо е уверен дека неговото однесување во воведот во финишот на 11. етапа било оправдано.

„Немаше друга солуција, бидејќи Реншоу со двете раце го држеше управувачот на велосипедот. Немаше други избор освен да си го расчисти патот со глава, во спротивно сите ќе завршеа во оградата“, изјави спортскиот директор на ХТЦ Колумбија, Ролф Алдаг. „Спринтувањето не е детска градинка, посебно кога ќе се дојде еден покрај друг, рамо до рамо, лакот против лакот“.

Кевендиш додава: „Тоа е спротивно на тоа за кое ние како тим веруваме дека се случи. Многу сум тажен“.

Новозеланѓанецот Дин има друг поглед на настанот и смета дека инцидентот го чинел победа неговиот тимски колега Фарар.

„Дојдов со моето предно тркало до тркалото на Кев. Го престигнував Реншоу, истовремено обидувајќи се да ја задржам големата брзина, но кога го одминав тој не изгледаше како да му се допадна тоа многу“, објаснува Дин. „Тој не требаше да го стори тоа. Тоа не е прифатливо. Јас воопшто не направив никакво движење. Следното нешто што го почувствував е неговото наслонување врз мене и удирањето со глава. Потоа продолжи и премина преку патеката на движење на Тајлер, спречувајќи го можеби да ја освои етапата“.

Дисквалификацијата на Реншоу не влијаеше врз резултатите од етапата и Фарар го прифати поразот.

„Кев уредно спринтуваше. Тој не е за обвинување. Но, тие не требаше да возат на тој начин. Сакам да победам, но не сакам да се судрам“, изјави тој.

Ова не е единствениот инцидент во трката погодена од жежок бран, со температури што достигнаа 35 Целзиусови степени. Минатиот петок Шпанецот Карлос Баредо и Португалецот Руи Кошта си разменија тупаници по шестата етапа. Двајцата велосипедисти беа казнети парично, но ја продолжија трката.

Тринаесеттата етапна победа на Кевендиш на Тур де Франс е постигнување незабележано од ниту еден спринтер во последните две децении. Британецот на возраст од 25 години ги засени великаните од калибарот на неговиот ментор Ерик Цабел од Германија, како и Италијанецот Марио Чиполини и Австралиецот Роби Мекеван.

Резултати од 11. етапа: Марк Кевендиш (В. Британија/ХТЦ Колумбија) 4:42,29 ч.; Алесандро Петаки (Италија/Лампре, Тајлер Фарар (САД/Жармин), обајцата исто време итн.

Вкупен поредок: Енди Шлек (Луксембург/Саксо банк) 53:43,26 ч.; Алберто Контадор (Шпанија/Астана) +41 сек.; Самуел Санчез (Шпанија/Еускалтел) +2:45 мин. итн.


#
Статијата е прочитана 141 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Работнички со играч помалку до гол повеќе
Ливерпул во Скопје на 5 август?
Меси во посета на Хаити
Анри се повлече од репрезентацијата
Бостон го продолжи договорот со Пирс
Тетекс ремизира во евродебито
Семенја победи во првата трка по принудната пауза
Роси ќе вози викендов во Германија