Бостон го продолжи договорот со Пирс
Селтикси го доведоа Џермејн О’Нил од Мајами
Бостонс потпиша нов договор со својот капитен и крило Пол Пирс и го доведе поранешниот „џин“ на Мајами, Џермејн О’Нил. Пирс изјави дека се надева оти тие што потпишаа ова лето и останатите ќе му помогнат на Селтикс да се впушти во уште една потера по титулата во НБА, која за малку им побегна годинава. „Келтите“ загубија од Лос Анџелес лејкерс во седмиот натпревар од големото финале.
„Одушевен сум што клупското раководство го задржа јадрото на тимот и едвај чекам да се вратам на паркетот и со соиграчите да ја донесеме 18. титула во Бостон“, изјави Пирс.
Најкорисниот играч во НБА-финалето пред две години е трет стрелец на вечната клупска листа со 19.899 коша. Пред него се само Лери Бирд и Џон Хавличек.
„Пол е меѓник на нашиот клуб во последната деценија и ние не можеме да бидеме посреќни од тоа што тој се враќа во екипата“, изјави претседателот на Селтикс, Дени Ејнџ.
Пирс има просек од 18,3 поени и осум пати играше на ол-стар натпреварите.
О’Нил (31) помина 14 сезони во НБА. Минатата сезона одигра 70 меча за Мајами, на кои постигна 13,6 поени во просек.
„Неговиот талент одлично го надополнува нашиот ростер“, вели Ејнџ. |