Граѓаните велат дека тешко издвојуваат пари за штедење, а банките се задоволни од годинешниот постојан раст на депозитите
Соња Маџовска
Откако ќе се платат месечните сметки за комуналии и ќе се направи процена за потрошувачката кошница, остануваат ли пари и за штедење?
Граѓаните велат дека иако би сакале да тргнат по некој денар настрана, како никогаш досега, особено последниве месеци, снемале пари. Тие нагласуваат дека тоа не им е дозволено поради секојдневниот раст на цените на прехранбените продукти, стравот од најавуваните нови цени на струјата, на парното...
„Треба да си магионичар од една скромна просечна плата да тргнеш некој денар и на штедна книшка. Откако ќе се платат месечните сметки, речиси е невозможно со остатокот од платата да се прехраниме како што треба до крајот на месецот, уште помалку можеме да потрошиме некој денар за парче облека или за нешто друго, а за тргнување пари настрана, одамна не станало ни збор“, коментираат поголемиот дел од граѓаните, на кои платата им е единствениот извор на егзистенција.
И Државниот завод за статистика излезе со процена дека се неповолни очекувањата на потрошувачите за веројатноста во поглед на штедењето во следните 12 месеци. „Според податоците на ДЗС, вредноста на индикаторот на доверливоста во октомври 2010 година е намален за 3,7 процентни поени во однос на вредноста од претходниот месец. Намалувањето е резултат на неповолните очекувања за економската и за финансиската состојба на домаќинствата, веројатноста во поглед на штедењето во следните 12 месеци, како и оцената за невработеноста“, соопштија од Статистика. Во октомври годинава домаќинствата оцениле дека економската состојба во државата, како и невработеноста, во следните 12 месеци ќе бидат понеповолни.
Инаку, годинава штедењето постојано бележи нагорен тренд. Банките се борат за секој денар на граѓаните и како да се натпреваруваат која повеќе ќе ги зголеми каматите на депозитите. Моментно, каматите за денарската заштеда се искачија до рекордни над 10 проценти, а за штедењето во евра се движи малку над 5 отсто.
Според податоците на Народна банка на Македонија, вкупните депозити и на граѓаните и на фирмите изнесуваат 3,3 милијарди евра, од нив само на граѓаните се 2,3 милијарди евра.
По повод одбележувањето на Денот на штедењето, Комерцијална банка се реши на сите бебиња родени вчера да им подари штедни книшки со по 3.000 денари. Од Стопанска банка велат дека е значајно тоа што се' повеќе расте заштедата и на нашите иселеници, кои се одлучуваат парите да ги чуваат во домашните банки. „Штедењето и во 2010 година бележи пораст што е доказ на довербата што ја имаат штедачите во банкарскиот сектор, а дополнително е значајно што се' поголем е и бројот на штедачите што живеат и работат надвор од Македонија. Штедењето е специфично и индивидуално, па оттука од големо значење е банката да биде флексибилна и да ги понуди решенијата што ги бара клиентот, флексибилност во уплатите и исплатите, месечната исплата на каматата, роковите и валутите, наменски и ненаменски“, велат од Стопанска банка.
Банкарите, за разлика од статистиката, се оптимисти дека во наредниот период би можело да се очекуваат позитивни движења во економијата, бидејќи со растот на штедењето ќе има и повеќе пари за кредити. Државата дополнително се реши да го стимулира штедењето со тоа што целосно ќе бидат обезбедени штедните влогови на граѓаните до 30.000 евра во една банка наместо како досега. 100 отсто да бидат обезбедени депозитите до 10.000 евра, а 90 проценти до 20.000 евра.
Исто така, граѓаните и фирмите од почетокот на идната година нема да плаќаат 10 проценти персонален данок на доход на каматите на штедните влогови, бидејќи примената на Законот за персонален данок на доход за депозитите се одлага за две години, односно до 2013 година.
Добро мајтап ли си тераат со нас граганите, мислам на оние што едвај преживуваат.Не сум зем��ла плата 5 месеци позајмувам само за храна а за сметките да не правиме муабет.Кој апсурд дали ке се заштеди па од каде?.Зошто вие новинарите не појдете пред владата и не и давате извештаи за сиромаштијата на нас граганите, а не дали ке сме штеделе.Зошто постојано се плашите отворено да се зборува за тоа.Не вршете анкети дали се штеди ами како се преживува.Кај вас е говорот на вистината ИСКОРИСТЕТЕЈА, користетего вашиот кодекс за непристрасно информирање.Тие што имаат пари не ги ни стават во банките ами ги вложуваат во капитал, од кај нив излегува и просекот на платите во Македонија ,АПСИРДНО...........