За една година дури 20.000 помалку невработени
Паралелно со лошите економски показатели, невработеноста се намалува наместо реално да се зголемува
Маја Томиќ
Колку и да изгледа неверојатно, во земјава се регистрираат се' помалку невработени иако во изминатите месеци од годинава бројот на работниците од индустријата постојано се намалува. За само еден месец нивната бројка се намалила за 2.921 лице, а за една година во државава има дури 18.660 помалку лица без работа. Поконкретно, според најновите податоци од Агенцијата за вработување, во септември имало 323.233 невработени, а во август 326.154, додека лани во септември невработените броеле 341.893 лица.
И Државниот завод за статистика забележува помали стапки на невработени. Според податоците на ДЗС за вториот квартал од годинава, невработеноста изнесува 32,1 отсто, што во споредба со првиот квартал е помалку за 1,4 отсто. Споредено со вториот квартал лани, пак, кога стапката на невработени беше 31,9 отсто, сегашниот процент е повисок за само 0,2.
Додека сиромаштијата расте и од месец во месец паѓа бројот на вработените во преработувачката индустрија, а индексот на индустриското производство во септември забележа пад од 11,9 отсто во однос на истиот месец лани, невработените не се множат, туку ги има се' помалку. Тоа е спротивно и нелогично со економското секојдневје, коментираа неодамна и стопанственици и експерти. Како што е познато, последните податоци од ДЗС покажаа дека стапката на сиромаштија во 2009 година изнесува 31,1 отсто, наспроти 28,7 во 2008 година. Бројот на вработените не престанува да се намалува и од почетокот на годинава до крајот на август во однос на истиот период лани тој е помал за 5,9 отсто. Во септември годинава, пак, во однос на истиот месец лани, работници во индустријата има за 1,4 проценти помалку, а во деветте месеци од 2010, во споредба со истиот период лани, бројот на работниците е помал за 5,4 отсто. Според статистиката, а и според стопанствениците, тоа се должи најмногу на отказите во преработувачкиот и во текстилниот сектор. Само во периодот август 2009 - август 2010 година во индустријата се регистрирани околу 8.400 отпуштени работници, од кои 4.500 се од текстилната дејност.
Агенцијата за вработување одамна практикува пријавувањето на невработените да биде на секои два месеца, а во спротивно, лицето веднаш се брише од евиденцијата и нема право да се пријави повторно како невработено во период од една година. Дали поради оваа законска практика, всушност, постојано паѓа бројката на невработените ако веќе е евидентно дека тоа не е резултат на подобрување на состојбите во домашната економија? |