Аргентинско танго во Шведска
Најпријатното изненадување на СП за ракометари, Аргентина го победи домаќинот со 27:22
Ракометното танго на Аргентинците на 22. Светско првенство во Шведска кулминира со сензационалната победа од 27:22 против домаќинот во четвртото коло од групата Д. По ремито со Јужна Кореја, тесниот пораз од Полска и победата над Словачка, „гаучосите“ му зедоа мерка на четирикратниот светски шампион, па вечерва против Чиле им одговара и реми за пробив во вториот круг на мундијалот.
Швеѓаните го отворија резултатот преку Јонас Калман, но Јужноамериканците возвратија со четири гола во низа и дадоа на знаење дека немаат намера да се предадат против фаворитот. Селекцијата што заеднички ја водат Стафан Олсон и Ола Линдгрен до израмнување дојде дури во средината на првото полувреме, кога Никлас Екберг погоди за 6:6. Единственото водство за Скандинавците на средбата од 9:8 во 21 минута не потраја долго, бидејќи со многу цврста и агресивна игра противникот преку Видал, Симонет и Фернандез замина на одморот со предност од 12:10.
И вториот дел Шведска го отвори со погодок, но избраниците на Едуардо Галјардо повторно вратија со серија од четири гола, одвојувајќи се на 16:11. Домашниот тим до крајот најмногу што успеа е да намали на три гола негатива, последен пат стигнувајќи до 16:19, но Аргентинците не само што не му дадоа на ривалот шанса за пресврт, туку и ја зголемија разликата.
Аргентинскиот голман Матијас Шулц е прогласен за играч на натпреварот поради своите 17 одбрани. Најефикасен на теренот беше неговиот соиграч Федерико Пизаро со шест гола, а еден помалку во противничкиот табор постигна Јонас Лархолм.
Јужноамериканското чудо во четвртата рунда на мундијалот го поткрепи Чиле со ремито 29:29 со Словачка. Сензацијата ја спречи Франтишек Шулц со погодокот во последната секунда, откако словачкиот селектор Золтан Хајстер свика тајм-аут пред завршниот напад.
Чиле во првото полувреме имаше и водство од 9:5, на паузата замина со предност од 15:12, а десет минути до крајот отиде на 25:21. Емил Перез Фојхтман беше незадржлив за Словаците, постигнувајќи 11 гола во мечот во кој неговата репрезентација го освои првиот бод на шампионатот.
Резултати и табели
Група А, трето коло: Тунис - Египет 23:27, Франција - Бахреин 41:17, Шпанија - Германија 26:24. Табела: Франција 6, Шпанија 6, Германија 4, Египет 2, Тунис 0, Бахреин 0.
Група Б, четврто коло: Австрија - Исланд 23:26, Норвешка - Бразил 27:25, Јапонија - Унгарија 24:28. Трето коло: Исланд - Јапонија 36:22, Норвешка - Австрија 33:27, Унгарија - Бразил 36:24. Табела: Исланд 8, Унгарија 6, Норвешка 6, Австрија 2, Јапонија 2, Бразил 0.
Група Ц, трето коло: Данска - Србија 35:27, Хрватска - Австралија 42:15, Романија - Алжир 14:15. Табела: Данска 6, Хрватска 6, Србија 4, Алжир 2, Романија 0, Австралија 0.
Група Д, четврто коло: Шведска - Аргентина 22:27, Јужна Кореја - Полска 20:25, Чиле - Словачка 29:29. Трето коло: Шведска - Јужна Кореја 30:24, Полска - Чиле 38:23, Словачка - Аргентина 18:23. Табела: Полска 8, Шведска 6, Аргентина 5, Ј. Кореја 3, Словачка 1, Чиле 1.
Денеска на СП
Група А: Египет - Бахреин (18 ч.), Германија - Тунис (18,30 ч.), Франција - Шпанија (20,45 ч.).
Група Б: Бразил - Јапонија (17 ч.), Исланд - Норвешка (19,10 ч.), Австрија - Унгарија (21,30 ч.).
Група Ц: Алжир - Австралија (18 ч.), Хрватска - Данска (20,15 ч.), Србија - Романија (20,30 ч.).
Група Д: Јужна Кореја - Словачка (16,15 ч.), Аргентина - Чиле (18,15 ч.), Полска - Шведска (20,15 ч.). |