Вести
Антиќ и Стојановски „газат“ во Еврочеленџ купот
Македонските кошаркарски репрезентативци Перо Антиќ и Дамјан Стојановски дадоа значаен придонес за успешниот старт на нивните екипи во втората фаза од Еурочеленџ купот. Капитенот на националниот тим Антиќ за 31 минута во игра забележа 15 поени, седум скока, една асистенција и една украдена топка за Санкт Петербург, кој на домашен терен го совлада израелскиот Барак Нетанја со 73:70 во рамките на групата И. Стојановски, пак, за 21 минута постигна 11 поени, два скока и две украдени топки, а неговиот Лукоил Академик на гостувањето во Хаифа го декласира Макаби со 95:78. Екипите на двајцата македонски интернационалци ќе се судрат во следното коло на 25 јануари во Софија.
Успешен почеток во топ 16 имаа и ексрепрезентативците Џеремаја Мејси и Мајк Вилкинсон со Локомотив Кубан, кој на домашен терен го „прегази“ Задар со 87:69 во групата Л. Мејси даде 14 коша за 30 минути, а Вилкинсон додаде осум. Во следното коло нивниот тим му гостува на Остенде во Белгија. (Р.Д.)
Kошарка Kуп: Фени се „прошета“ во Куманово
Шампионо�� Фени индустри со една нога е на завршниот турнир на кошаркарскиот Куп на Македонија, откако славеше со 91:64 во Куманово во првиот натпревар од четврт-финалето. Возвратниот меч е на 22 јануари во Кавадарци.
Синоќа во спортската сала „Македонија“ во Сарај требаше да се сретнат Лирија и МЗТ Скопје, а салата „Цар Самуил“ во Свети Николе беше местото на дуелот меѓу Овче Поле и Работнички. Првата четврт-финална средба меѓу АБА Струмица и Торус е одложена за 23 јануари. (Р.Д.)
Ракомет Mашката Суперлига Ќе продолжи на 19 февруари?
Ако се усвои вториот предлог-календар за пролетниот дел од натпреварувачката сезона 2010/2011, машката ракометна ВИП Суперлига ќе продолжи на 19 и 20 февруари со средбите од 15. коло. Тогаш треба да се сретнат Тинекс Пролет - Металург, Винарска визба Тиквеш - Вардар про и Пелистер - Куманово, а Борец е слободен. Следната пресметка меѓу Металург и Вардар про треба да се случи на 2/3 април.
По три одиграни кола, од 3 март ќе има пауза поради двомечот на репрезентацијата со Унгарија во квалификациите за Европското првенство, а првенството ќе продолжи на 19/20 март. Следниот прекин на шампионатот е предвиден за 23/24 април заради настап на националниот тим на меѓународен турнир, а за 14 и 15 мај е закажан финалниот турнир на Купот на Македонија. Лигата треба да заврши на 28/29 мај, а еден ден подоцна е новиот собир на репрезентацијата за завршницата од евроквалификациите.
За ваквиот предлог-календар треба да се изјаснат клубовите на својата полугодишна конференција на 29 јануари. (Р.Д.)
ЕХФ Пад на Македонија на листите за еврокуповите
Македонија забележа мало назадување на ранкингот на ЕХФ и за машките и за женските еврокупови, но го задржа правото да пријави по пет екипи во двете конкуренции во сезоната 2011/2012. На најновата машка листа Македонија е 15., односно две места подолу од лани, а на женската се симна од 17. на 18 место. Сепак, наесен и во двете конкуренции ќе има по еден претставник во Лигата на шампионите, во Купот на куп-победниците и во Купот на ЕХФ, како и по два тима во Челинџ купот.
Ранкингот е базиран на резултатите на екипите остварени во последните три сезони. (Р.Д.)
Фудбал Два пораза од Србинките во Дојран
Женската фудбалска репрезентација на Македонија во еден ден претрпе два пораза од комбинираниот состав на Србија од членки на А-тимот, како и на селекциите до 17 и до 19 години. Во првиот од двата натпревара одиграни во спортскиот центар „Истатов“ во Дојран гостинките славеа со 2:0, а во вториот со 4:1.
Селекторот Добре Димовски на располагање ги имаше и репрезентативките до 17 и до 19 години, кои се во комбинација за мартовскиот настап на сениорскиот тим во прелиминарната квалификациска рунда за Европското првенство. |