Автомобилските гиганти посакувани инвеститори
Како да се привлечат автомобилските гиганти да инвестираат во земјите од Западен Балкан - расправаа вчера во Скопје компании и агенции за промоција од Албанија, БиХ, Хрватска, Косово, Србија, како и претставници од ЕУ, Македонија, Италија и од автомобилските кластери од земјите на Западен Балкан. Инаку, во земјава, освен „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“, кои веќе работат во „Бунарџик“, нема најави за нови инвестиции од автомобилската индустрија.
Министерот за економија, Фатмир Бесими, вчера порача дека цел на конференцијата е да се разменат искуства за тоа што прават земјите од регионот за да привлечат инвестиции од оваа индустрија. „Поголема е веројатноста да дојдат компании од автомобилската индустрија доколку веќе има такви индустрии во земјата, на тој начин се намалуваат трошоците за капитал и работна сила, тоа е предност за оние што сакаат да инвестираат во оваа индустрија во Македонија“, изјави Бесими. Во регионот на Западен Балкан има квалификувана работна сила и потенцијал за развој, но потребно е да се работи во делот на креирање повисоки стандарди за компаниите да инвестираат во овој регион, порачуваат странските експерти. „Овој регион е интересен за инвеститорите, но потребна е добра промоција за претставување, како размена на информации, настани поврзани со автомобилската индустрија, кои може да помогнат во привлекувањето инвестиции“, изјави Алан Паиц, директор на инвестицискиот договор за Југоисточна Европа, ОЕЦД. „На оваа конференција видовме размена на искуства како правилно да привлечеме инвеститори, како што во Македонија се ’Џонсон Мети‘ и ’Џонсон контролс‘, на овој начин собираме искуства за да можеме да имаме подобра стратегија“, изјави Мустафе Хасани од Агенцијата за промоција на Косово. Конференција за автомобилска индустрија беше организирана од ОЕЦД и од Министерството за економија, а финансирано од Европската унија, во рамките на Неделата на конкурентност. (Ек.Р.) |