Ребалансот ќе ја зафати инфраструктурата
Градежните компании стравуваат дека со ребалансот на буџетот ќе се крати во делот на инфраструктурните капитални проекти на кои тие го потпираат своето работење. Тие и натаму имаат проблеми со наплата на побарувањата и тоа, пред се', поради непочитување на договорените обврски.
Ова беше истакнато на вчерашната седница на Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската комора. Притоа, градежниците уште еднаш ги потенцираа своите забелешки и проблеми со кои се соочуваат при работењето, меѓу кои се малиот број тендери за јавни набавки, кои се спроведуваат по електронски пат, недоволната транспарентност и нелојалната конкуренција при учество на тендерите.
Претседателот на Здружението, Никола Велковски, потенцираше дека градежните компании најмногу забелешки имаат токму на транспарентноста и евалуацијата при распишувањето на тендерите, како и на недоволното електронско јавно наддавање, што требаше да биде една од главните новини што ги најави Владата. (Б.А.) |