Огромен пожар кој завчера попладне ги зафати ридовите над скопското село Миладиновци вчераутро беше ставен под контрола и локализиран. Пожарникари и доброволци ноќта се справувале со пожарот кој потпомогнат од ветерот брзо се ширел по ридовите. Причините за избувнувањето на пожарот не се познати, но постојат сомневања дека е подметнат. Нов пожар кој се префрлил од грчка страна завчера ја зафати и планината Беласица.
Пожарот избувнал кај селото Студена Бара, Кумановско, околу 18 часот. Но, поради сувата трева и поволниот ветер, набрзо се проширил и кон атарот на Миладновци и селото Коњари. Дирекцијата за заштита и спасување веднаш мобилизирала 30 свои луѓе, а напомош биле повикани пожарникарите од скопската противпожарна бригада, како и десетина доброволци од Илинден.
"Уште вечерта го ставивме пожарот под контрола. Но, и покрај нашите напори, пожарот се префрли и на другите ридови", вели Љупчо Димитриевски, командир на штабот за заштита и спасување во Општина Илинден.
Тој додава дека иако причините за проширување на пожарот се' уште не се познати, се сомневаат дека е подметнат. "Еден од колегите видел човек како преминува на другата страна на ридот кратко пред пожарот да се префрли на таа страна. Не можеме да бидеме сигурни, но е можно да е подметнат", ни изјави Димитриевски.
Тој заедно со уште десетина пожарникари вчераутро го минуваа опожарениот терен за да ги изгаснат и последните жаришта на пожарот.
"Цела ноќ ја минавме на терен за да го изгаснеме пожарот. Откако утрото успеавме, во тек е контрола на опожарена површина, ги гасиме дрвјата и тревата кои догоруваат, а неколку колеги ќе останат за да го набљудуваат местото", вели еден од пожарникарите. Пожарот вчераутро остави само пепел на ридовите на кои претходно имаше дабова и борова шума.
"Во гаснењето се приклучи и еден хеликоптер кој помогна да го локализираме пожарот", ни изјави Љупчо Петровски од Дирекцијата за заштита и спасување.
Пожар што се префрли завчера од страната на Грција ја зафати планината Беласица кај местото Ѓаволски Рид каде што гори нискостеблеста шума. Се' уште гори и пожарот кај селата Мокрени и Габровник во општината Чашка. Според Центарот за управување со кризи, постоела опасност огнената стихија да ги зафати селските куќи поради силниот ветар, но опасноста била навремено спречена. Под контрола се ставени пожарите кај селото Равен, Гостиварско, и пожарот кај селото Тажево во кој беше зафатен и дел од Националниот парк "Јасен".