Холандија финансиски ќе го помага нашето евроинтегрирање
Меморандум за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Холандија вчера во Скопје потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји, Антонио Милошоски и Франс Тимерманс. „Во изминатите 15 години Холандија е една од главните поддржувачи на Македонија во нејзините напори да ја исполни својата европска судбина“, изјави Тимерманс, додавајќи дека евроинтегрирањето не е лесен процес, но оти е сигурен дека заложбите на македонската влада за тоа ќе бидат крунисани со успех. Тој на прашањето за очекувањата од извештајот на Европската комисија за земјава порача дека „европските стандарди се јасни и Комисијата секогаш е многу прецизна во тоа што е направено, е што не. „Подобро е сега да се биде јасен и строг, отколку подоцна се жали за нешто“, изјави Тимерманс, со совет до властите со таков став да му пријдат на есенскиот извештај на ЕК. Милошоски на истото прашање одговори дека „очекуваме тој да го содржи напредокот на Македонија во последнава година, но и она што не успевме да го направиме. „Македонија не е совршена земја, но е добра и има постигнато доволен напредок за да биде наградена за тоа“, изјави Милошоски. Холандскиот шеф на дипломатијата за време на дводневна посета на земјава, покрај со Милошоски ќе се сретне и со премиерот Никола Груевски, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Ивица Боцевски, но и со претставниците на албанските партии од опозицијата. За денеска е најавено потпишување на Меморандумот за разбирање од програмата МАТРА, со која холандската влада ќе и' помага на нашата земја за зајакнување на институционалните капацитети и јакнење на граѓанскиот сектор. (Т.Г.)