И надлежните уплашени од чешмата-убиец во Битола
Oпасност демне од отровните гасови, но не се знае дали и водата е исправна
БИТОЛА - Речиси една деценија никој не го контролира квалитетот на водата што тече од изворот во Кисела Вода, каде што мистериозно починаа дузина битолчани, тврдат од Заводот за здравствена заштита во Битола. Чешмата-убиец не само што е опасна поради отровните гасови туку не се знае и дали водата е исправна.
Од Заводот потврдуваат дека од 1999 година се откажале од чешмата, бидејќи никој од вработените не сака да го ризикува животот и да земе вода за испитување. Стручњаците велат дека тие единствено имаат обврска да го контролираат квалитетот на водата.
„Ја испитувавме водата во таа чешма и секогаш констатиравме дека бактериолошки и хемиски е исправна за пиење. По случајот со смртта на двете момчиња пред девет години Санитарната инспекција го забрани само пристапот до чешмата. Меѓутоа, никој не може да каже кога излегуваат гасовите, во која количина и дали се смртоносни. Затоа престанав да го испитувам квалитетот на водата. Ниту еден техничар не можам да пуштам да земе вода ако не се знае кога излегуваат смртоносни гасови“, изјави д-р Марика Ивановска, специјалист по хигиена во ЗЗЗ во Битола.
Но, за чудо, битолчани не се откажуваат од навиките да полнат вода од изворот и да ја пијат течноста за која веруваат дека е лековита. Од рано наутро граѓаните точат вода и меѓу себе се советуваат како без последици да ги наполнат шишињата. За оние што не знаат за опасноста нема никакво предупредување.
Повозрасните битолчани кои за себе велат дека имаат стаж во користењето на изворот се потсетуваат на историјата на чешмата и пропустите во нејзината реконструкција.
Седумдесет и петгодишниот Кире Ѓоревски од селото Крстосар, каде што е лоциран изворот, и вчера полнеше вода за своето семејство. Старецот вели дека проблемот со мистериозниот убиец е во тоа што чешмата е дури 13 скалила под земјата и таму долу нема никаков провев.
„Кисела Вода има три етапи во својата изградба. Како извор прво ја средила француската војска уште во Првата светска војна. Тогаш од водата не пиеја само луѓе туку и коњи. До неа се приоѓаше од две страни, имаше само пет скалила, а изворот беше со две шупелки. Од едната течеше вода, а другата беше оставена за воздух. Изгледа Французите уште тогаш ги насетиле опасните гасови“, раскажува Ѓоревски.
Тој додава дека по Втората светска војна изворот бил реконструиран од југословенската војска. „Тогаш тие слегоа подлабоко, направија уште неколку скалила, но оставија само еден влез. Затоа, пак, за отровните гасови направија два воздушни оџаци, за да излегува отровот. Третата реконструкција беше направена во 1973 година од тогашната градежна фирма ’Младост‘ од Битола. Тие слегоа уште подлабоко, со 13 скалила. Мајсторите работеа со гас-маски, веројатно поради задушливите гасови, а сега сум сигурен дека тие ја направија најголемата грешка. Се затворија двата оџаци за струење на воздухот. Изворот и чешмата првпат останаа без никаков провев на речиси три метри под нивото на земјата“, се потсетува Ѓоревски.
Никој точно не може да ги преброи жртвите на чешмата-убиец во Кисела Вода. Изворот станал сомнителен дури пред една деценија кога на 10 март 1999 година, враќајќи се од роденденска забава од околните ресторани, двајца битолчани на околу 25 години утрото беа пронајдени мртви, згрчени во јамата. Дотогаш фантомската чешма однела уште неколку човечки животи, но секогаш се мислело дека причина за смртта бил срцев удар.
По смртта на момчињата се разбудила свеста кај надлежните да ја испитаат водата и отровните гасови, па веднаш по трагичниот настан била поставена табла со натпис „Строго се забранува влегување во чешмата, опасно е за живот“. Забраната ја изрекле Републичкиот санитарен и здравствен инспекторат и Заводот за здравствена заштита од Битола. Но, и покрај таблата, битолчани и натаму ја користеле водата, а кусо време потоа несовесни граѓани сосема ја отстраниле. И сега по немилиот настан се' уште нема предупредување пред изворот во Кисела Вода дека местото е опасно и ризично за посетителите. Ниту една институција во градот не се чувствува надлежна за чешмата.
Од битолскиот катастар велат дека чешмата, според нивната евиденција, е на државно земјиште. Најблискиот објект до неа, поранешна кафеана, сега објект во изградба, е во приватна сопственост. (А.Б.)
|