Владата собира поени на сметка на општините
Владата на чело со премиерот Никола Груевски собира поени на сметка на локалната самоуправа, обвинија градоначалниците на вчерашната трибина посветена на приоритетите во процесот на децентрализација. Првите луѓе на општините потенцираат дека се соочени со финансиски проблеми кои не им дозволуваат автономија на вистинскиот начин.
Доволен доказ за тоа е што дваесет од вкупно 84 општини континуирано имаат блокирани сметки. Градоначалниците и' забележаа на централната власт што во последно време влече потези преку кои ја докажува својата моќ и ја потенцира немоќта на локалната власт.
"Македонија е најцентрализираната држава. Доволно е да се спомене една чудна и невообичаена ситуација. Владата да купува автобуси, Владата да гради спортски терени, Владата да обновува санитарни јазли. Тоа е така затоа што не е изграден правичен и објективен систем за фискална децентрализација", истакна градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
За Коцевски опасен и погрешен тренд е силното влијание на политичките партии на локално ниво. "По последните, предвремени парламентарни избори во повеќе совети се изгуби мнозинството откако некои членови преминаа во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Апсурдно е тоа што на тие совети, наместо да им биде приоритетно како да го подобрат квалитет на услугите за граѓаните, станаа опозиција на градоначалниците", нагласи градоначалникот на Велес.
Општинарите бараат прецизирање на надлежностите кои доведуваат до паралелизам, особено на релација град Скопје и скопски општини. (К.Ч.)
|