Бранителите ќе почекаат за предвремена пензија
Собраните 31.000 потписи не се гаранција дека Собранието ќе отвори расправа за законот
Оливера Војновска
Ќе извисат ли повторно бранителите од кризната 2001 година и нивните семејства во намерата да остварат одредени бенефиции од државата за учеството во воениот конфликт? Собраните 31.000 потписи и заверени во подрачните единици на Министерството за правда, како и ставањето на нивниот закон на дневен ред на седницата закажана за вторник - 16 септември, не се некаква гаранција дека Собранието ќе отвори расправа. Две собраниски комисии со поддршка на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ во овие тела веќе одбија да дебатираат за законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили.
На овие и на други бенефиции предвидени во законот припадниците на безбедносните сили ќе може да сметаат дури откако за тоа ќе се договорат премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, чија партија инсистира на решавање на статусот на борците на ОНА. Комисијата за труд и социјална политика, по предлог на претседателот Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ, вчера ја одложи расправата за законот, со образложение дека нема мислење од Владата. Еден ден претходно истото го стори и Законодавно-правната комисија, по предлог на претседателката Благородна Дулиќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Здружението на бранителите „Достоинство“, Стојанчо Ангелов, кој вчера доби можност да присуствува на седницата на Комисијата за труд и социјална политика, на членовите на ова собраниско тело им рече дека законот е изнуден, затоа што ниту една влада од 2001 година до денес не направила сериозни напори за решавање на нивните проблеми. Ангелов им се пожали на пратениците дека уште на 4 август од Здружението побарале средби со претседателот Бранко Црвенковски, спикерот Трајко Велјановски, премиерот Никола Груевски, со министрите за одбрана, за внатрешни работи, финансии и за труд и социјални работи, Зоран Коњановски, Гордана Јанкуловска, Трајко Славески и Џелал Бајрами, како и со лидерката на СДСМ, Радмила Шекеринска, и началникот на ГШ на АРМ, Мирослав Стојановски. „Од сите наведени, единствено бевме примени и имавме конструктивни разговори со претседателот на Собранието, Велјановски, и со началникот на ГШ, Стојановски“, рече Ангелов. Наспроти декларативната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, Здружението на бранителите „Достоинство“ засега има поддршка само од опозицијата.
За координаторот на пратеничката група на ДУИ, Тахир Хани, најнапред беше проблематичен терминот „терористичка организација“, но потоа откако внимателно го видел законот, тој ја повлече изјавата, бидејќи такво нешто не се спомнува во текстот. Вчера Хани не сакаше да коментира ништо друго, извлекувајќи се дека за законот нема мислење од Владата.
Пратеничките од СДСМ Шекеринска и Весна Бендевска вчера инсистираа Комисијата да го разгледува Предлог-законот, повикувајќи се на новиот Деловник на Собранието кој дава можност, ако Владата не достави мислење, Собранието и работните тела да го разгледуваат и да се изјаснуваат за законот.
|