Прекината настава во гостиварски училишта

Не работеа јавните претпријатија и администрацијата на Гостивар и на Врапчиште
Киро Кипроски
ГОСТИВАР - Учениците на три средношколски центри и на 19 централни основни училишта во општина Гостивар вчера ја прекинаа наставата. Околу 9 часот наставниците им соопштиле на учениците дека нема часови и ги упатиле дома. Оваа наредба директорите на училиштата телефонски ја добиле од Невзат Бејта, градоначалник на Општина Гостивар. Наставата вчера беше прекината и во сите тетовски училишта. Причина за прекинот на наставата е инцидентот во селото Раковец поради обидот за атентат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„За она што се случи во Раковец, кога криминални банди се обидоа да ги ликвидираат Ахмети и неговите соработници, не треба само да протестираат Албанците туку треба да го прават тоа и Македонците и Турците“, изјави гостиварскиот градоначалник Невзат Бејта. „Да му се случеше ова на некој од македонските лидери, училиштата немаше да работат три дена“, нагласи Бејта.
Учениците не беа на настава, а училиштата во Гостивар беа затворени. Исто така, вчера не работеа детските градинки, администрацијата на локалната самоуправа и вработените во јавните претпријатија на локално ниво. Поради ова, немаше кој да ја поправи водоводната цевка што пукна на улицата пред општинската зграда и ја поплави.
Гостиварските училишта ги посети просветниот инспектор кој изврши увид за прекинот на наставата. Според Законот, за прекин на настава може да одлучи исклучиво Владата и тоа само во случај на вонредна состојба или елементарна непогода. Градоначалникот може да побара од директорите на училиштата да не се одвива настава, но во случај кога Општината прогласува ден на еколошко или слично работно ангажирање на учениците.
Вчера на настава не беа и учениците на основните училишта во општина Врапчиште. На работните места не беа ни вработените од оваа локална администрација. На прашањето зошто не работат службениците, дежурниот на Општината кратко изјави: „Протестираме против оружениот напад што беше извршен врз лидерот Ахмети!“
Во гостиварската чаршија прекинот на наставата се коментира како добро смислен трик на раководството на ДУИ за да се обезбеди поголема масовност на митингот на ДУИ во Тетово.
Министерството за образование и наука вчера апелираше да не се злоупотребуваат учениците за политички цели. ��поред нивните информации, протестот на учениците во гостиварските и тетовските училишта е по налог на гостиварските и тетовските градоначалници, а со цел тие во колку што може поголем број да се појават на митингот на ДУИ. Шефот на Кабинетот на министерот за образование, Фејузи Џафери, вчера изјави дека постои основа градоначалниците и кривично да се гонат. Џафери тврди дека немало основа за прекин на наставата, а најави и можни санкции за градоначалниците кои дале налог да нема настава во училиштата. Во Министерството ќе го чекаат конечниот извештај на просветните инспектори. |