Се самоуби полициски инспектор
ТЕТОВО – Полициски инспектор од Тетово си го одзел животот, пукајќи си со пиштол во главата, во неговата семејна куќа. Трагедијата се случила завчера, два часа по полноќ. Вишиот полициски инспектор, Менсур Халими (29), кој бил вработен во Одделот за борба против организиран криминал, е пронајден мртов во спалната соба на неговата семејна куќа на улицата „Мурат Бафтијари“ бр. 51, во населбата Горна Чаршија.
Според првичните сознанија на увидната екипа, полицискиот инспектор си го одзел животот, испукувајќи еден куршум од неговиот службен пиштол во главата. За настанот била отворена истрага. Причините за самоубиството не се познати, иако првично се смета дека во прашање биле семејни односи. Неговите пријатели велат дека инспекторот бил вреден човек и совесен работник. Менсур Халими бил семеен човек, татко на двегодишно дете.
Од СВР - Тетово најавуваат дека ќе поведат иницијатива на сите нововработени во полицијата да им бидат вршени задолжителни лекарски прегледи за нивната психофизичка и посттрауматолошка состојба, како резултат на зачестените случаи на самоубиства. (Г.Е.) |