Петрески со кривични пријави ќе го брани оспорениот ДУП за Бејбунар
ОХРИД - Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, со кривични пријави ќе го брани оспорениот Детален урбанистички план за Бејбунар. Тој соопшти дека општината ќе поднесе кривични пријави против одговорни лица во ресорите за локална самоуправа, за транспорт и за култура, поради „попречување на реализација на проекти од интерес на граѓаните“.
„Во време кога глобално стагнираат инвестициите во сферата на градежништвото, централната власт попречува реализација на проект вреден 100 милиони евра“, обвини Петрески. Притоа појасни дека општинската каса само од комуналии за проектот „Бејбунар“ би реализирала 10 милиони евра, со што Охрид би можел да ги врати наследените долгови.
Градоначалникот на Охрид најави дека преку ЗЕЛС ќе поведе постапка за интерпелација на министри, заменик-министри, државни секретари, инспекции за кои смета дека се одговорни за конкретниот случај. Одлуката за забрана на примената на ДУП за Петрески е незаконска, бидејќи во прилогот на решението отсуствува елементарен правен лек за негово обжалување.
Државниот инспекторат за локална самоуправа при Министерството за локална самоуправа донесе решение со кое ја стопира примената на Деталниот урбанистички план за урбаната единица 8 Бејбунар, изгласан од Советот на 24 октомври. Таквата одлука Министерството за локална самоуправа појасни со образложение дека ДУП бил донесен без согласност од Министерството за транспорт и врски. Државниот инспекторат за локална самоуправа на 21 октомври годинава ја повлекол претходно донесената согласност на Министерството за транспорт и врски, а за тоа телефонски и писмено ги известил градоначалникот и претседателот на Совет на општина Охрид. Наспроти таквата одлука, Советот на 24 октомври противзаконски го донело ДУП-от за Бејбунар.
И Министерството за локална самоуправа и локалната самоуправа најавија поведување постапки пред Уставниот суд за оценување на законитоста на донесениот ДУП за Бејбунар. (МИА) |