Моштите на свети Климент Охридски ќе ги зближат МПЦ и БПЦ
МПЦ е отворена за соработка иако е свесна дека тешко оди процесот на нејзиното признавање
Симон Илиевски
ОХРИД - Подарувањето честичка од моштите на свети Климент Охридски за осветувањето на истоимената црква во Пловдив, Бугарија, е знак на добра волја за унапредување на соработката меѓу Македонската и Бугарската православна црква. Според митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој од Плаошник во почетокот од минатата недела дел до моштите однесе во Пловдив, не станува збор за тајна мисија, туку за позитивен одговор на Синодот на МПЦ на барањето на г. Николај, владика на Пловдивската епархија.
„Бугарската православна црква и митрополитот Николај, еден од нивните најмлади архијереи што раководи со најголемата епархија во Пловдив, поведе иницијатива за поблиска соработка меѓу двете цркви, притоа не наведувајќи го прашањето за признавањето на статусот на МПЦ што се' уште е отворено. Знам дека една ластовица не ја прави пролетта, но може да ја навести“, објасни митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј. Тој нагласи дека не станува збор за специјална мисија, туку за меѓуцрковни односи кои сигурно ќе имаат позитивен ефект.
Во текот на летото, при посетата на митрополитот пловдивски, г. Николај, на Охрид, во присуство на познати личности од културниот и политичкиот живот на Бугарија, тој побарал мал дел од моштите на светецот што се наоѓаат во неговиот манастир на Плаошник. На барањето позитивно се изјаснил Синодот на МПЦ. По неколкумесечни подготовки и изработка на специјални кутии, честичка од моштите на св. Климент Охридски со големина помала од нокот, на денот на светецот по новиот календар митрополитот Тимотеј го однел на големото осветување во Пловдив.
Македонската православна црква е отворена за соработка, иако е свесна дека тешко оди процесот на нејзиното признавање. Според митрополитот Тимотеј, причина за тоа е нерешеното прашање со признавањето на уставното име на Република Македонија.
„Со овој чекор овозможивме и кај нас некој да се ослободи од некои стеги, а и дел од бугарските архијереи да се ослободат од стравот и реакцијата од Српската и Грчката православна црква. И тие и ние јадеме леб, веруваме во ист Бог, и имаме исти светци. Ние велиме дека се наши, а и тие велат дека се нивни. Нека бидат на целиот православен свет. Но, ние ги чуваме во Охрид и се нарекуваат охридски, а не атински, српски или бугарски. Затоа треба да го почитуваме и да го чуваме она што сме го наследиле“, објасни г. Тимотеј, митрополит на Дебарско-кичевската епархија. |