Семинарот е мост меѓу генерациите македонисти
Вчера во Охрид свечено беше отворен 44. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура
Невена Поповска
Традиционалната летна школа во Охрид, која вчера и официјално почна со работа, ќе ја следат 112 учесници. Меѓу лингвистите се и истакнатите македонисти, академиците Ала Шешкен од Русија и Иван Доровски од Чешка, професорите Мачеј Кавка, Ирена Ставова-Кавка и Јан Соколовски од Полска, Волф Ошлис од Германија, Бранко Тошовиќ од Австрија. Слушателите на школата ќе имаат секојдневни лекторски вежби и курсеви, а и оваа година ќе биде активна преведувачката работилница. По завршувањето на Летната школа, на 14 и 15 јули ќе се одржи и 38. Меѓународна научна конференција од областа на македонистиката, на која ќе учествуваат осумдесетина научници од земјава и од странство.
Според организаторите, годинава во работата на 44. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура ќе учествуваат сто и дванаесет македонисти, професори по македонски јазик и литература, преведувачи, научни работници, слависти и студенти кои го изучуваат македонскиот јазик од 24 земји.
Обраќајќи се пред учесниците на семинарот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека „овој значаен собир претставува убав повод за навраќање кон македонскиот јазик, неговата богата лексика и синтакса. Јазикот, подвлече Канческа-Милевска е значаен дел од целокупното културно наследство на еден народ. Тој е компоненета која го детерминира потеклото на народот, неговото минато и конечно неговиот идентитет. Без него, идентификацијатаво светски контекст е невозможна“.
Осврнувајќи се на долгогодишното постоење на семинарот, таа рече дека „слободно може да се каже оти во текот на овие изминати 44 години тој прерасна во своевиден глобален центар за македонистика. Семинарот, подвлече Канческа-Милевска, даде силен поттик и беше инспирација за стручните лица и научниците за проучување на лингвистиката, но, исто така, стана и предизвик за младите, да дознаат повеќе за нашиот милениумски народ кој оставил наибришливи траги во светското културно наследство“.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Велимир Стојковски, потсети дека овој собир претставува мост меѓу генерациите, преку кој поминале повеќе од три илјади слушатели од повеќе од 45 држави, но и млади македонисти кои ја продолжуваат успешно работата на своите учители во единаесетте лекторати и деветнаесет центри во кои се изучува македонскиот јазик ширум светот.
Директорот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, проф. Максим Каранфиловски, осврнувајќи се на програмата на семинарот рече дека „клучните настани на кои ќе биде ставен акцентот на семинарот и во рамките на годинешната научна конференција е одбележувањето на јубилејот - 90 години од раѓањето на Блаже Конески, 150 години од издавањето на Зборникот на браќата Миладиновски, но додаде дека на семинарот ќе се расправа и за творештвото на Петре М. Андреевски, Коле Чашуле, Гане Тодоровски... Според него, програмата на семинарот годинава е конципирана така што во неа да биде застапено се' што е актуелно во македонскиот јазик, историјата, археологијата и културата во најширока смисла. Покрај напорите, подвлече Каранфиловски, во рамки на семинарот да ги опфатиме сите области што се интересни за странците, посебно внимание оваа година посветивме и на македонскиот филм, македонскиот театар и на археологијата во Македонија.“
Семинарот за македонски јазик, литература и култура ќе се одржува во Охрид до 12 јули, а во тој период учесниците ќе посетат и други градови во земјава. |