Промоција на ЦД и хорска музика на „Скопско лето“
Македонското музичко дуо „Пан“ денеска во Даут-пашин амам во 11 часот ќе го промовира своето прво ЦД насловено „Кларинетски фантазии“. Дуото „Пан“ во состав Петар Колевски, кларинет и Билјана Петровска, пијано, е формирано во 2005 година и досега има остварено повеќе концертни настапи во земјата и во странство. Билјана Петровска припаѓа на генерацијата на македонски музички уметници кои активно творат. Во својата досегашна концертна кариера има настапувано во рамки на бројни манифестации во Македонија, но и надвор од земјава. Кларинетистот Петар Колевски, пак, со својата успешна интерпретациска дејност придонесува за развој и подем на кларинетот во Македонија. Постојано е активен на концертната сцена во државата и надвор. Настапува како солист со оркестри и камерни состави.
Во рамките на „Скопско лето“, вечерва ќе се случи и концерт. Во фоајето на Македонската опера и балет во 20,30 часот, по повод 65 години постоење и успешна дејност, ќе настапи Хорското музичко друштво „Кочо Рацин“, под диригентство на Марија Андонова. Ќе бидат изведени дела од Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Сотир Голабовски, Драган Шуплевски, Стефан Гајдов, како и од Бортњански, Вивалди, Максимовиќ. ХМД „Кочо Рацин“ е формиран во 1946 година во селото Горно Врановци. Оттогаш па до денес, видни имиња од македонската хорска музика се јавуваат како негови диригенти. Марија Андонова (1978), има дипломирано хорско диригирање во класата на проф. Драган Шуплевски во 2000 година во Скопје.
|