Легендарниот сценарист Карие доаѓа во Македонија
Денеска во Кинотека францускиот сценарист и актер Жан Клод Карие ќе биде прогласен за Doctor Honoris Causa
Денеска во 20 часот во Кинотеката на Македонија како специјален гостин ќе пристигне големиот француски и светски сценарист Жан Клод Карие, кој се потпишува на огромен број легендарни филмски остварувања, оставајќи траен печат во историјата на филмот. Жан Клод Карие ќе биде прогласен за почесен професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, при што ректорот Јордан Плевнеш ќе му го врачи признанието со кое ќе го прогласи Doctor Honoris Causa. Карие беше дел од филмот „Тајната книга“, прифаќајќи да учествува и во подготовката на сценариото, а во филмот играше и една од главните улоги, како раскажувачот и мудрец Пјер Рејмон. Веднаш по почеста за Карие во Кинотеката ќе биде прикажан и филмот „Тајната книга“ во режија на Владo Цветановски.
Осумдесетгодишниот Карие конечно ќе пристигне во нашата земја за да може да го прими ова признание и тука да го погледне овој македонски филм, кој с�� навраќа на нашата, но и светска историја, за која Карие особено беше заинтересиран и сакаше да го втисне својот печат и да даде придонес во ова необично филмско патешествие. Неговото учество во ова остварување, дефинитивно, беше голема чест за Македонија, бидејќи Карие е едно од најголемите сценаристички имиња, кој својата светска кариера ја започна со еден од најзначајните филмски автори, Луис Буњуел.
Нивната соработка започна уште во 1964 година на филмот „Дневникот на собарката“, а продолжи на многу од неговите најголеми филмови, како: „Убавицата на денот“, „Дискретниот шарм на буржоазијата“, „Тој мрачен предмет на желбата“ и уште многу други. Работеше Карие и со Милош Форман, Анджеј Вајда, Карлос Саура, Луј Мал, Жан Лик Годар, Жак Тати, со Волкер Шлендорф го направија легендарниот „Лимениот барабан“, со Филип Кауфман „Неподносливата леснотија на постоењето“, со Вејн Вонг „Кинеска кутија“ па се' до „Белата панделка“ на Михаил Ханеке.
Позната е и соработката на Карие со најголемиот театарски режисер на денешнината Питер Брук, со кого работеше на деветчасовната театарска верзија на „Махабхарата“ и на нејзината петчасовна филмска верзија. Тој беше претседател на познатото Француско државно филмско училиште оставајќи и пренесувајќи го своето исклучително наследство и умешност на многубројни генерации. Карие се има потпишано на 135 сценарија, но тој е познат и како актер, кој играл во над триесетина филма. Но, најважна е, сепак, неговата неповторлива моќ за раскажување, која го претвори во еден од најголемите сценаристи на 20 век. (С.У.) |