Флоријан Нидерсус е нов главен маркетинг-директор на „Вип“
Флоријан Нидерсус е нов главен маркетинг-директор на операторот „Вип“, кој стапува на должност на 4 септември годинава.
Нидерсус ќе го наследи Марио Цвитковиќ, кој го продолжува својот ангажман во групацијата „Телеком Австрија“ како главен маркетинг-директор на Випнет, Хрватска. Цвитковиќ на оваа позиција беше од почетокот на работата на операторот „Вип“ во Македонија пред четири години.
„Си одам од земјата во која ќе остане најголем дел од моето срце. За четиригодишното работење на операторот ’Вип‘, привлековме 500.000 корисници и освоивме 22 отсто од пазарниот удел, што е заедничко достигнување на одличниот тим на ’Вип‘. Беше незаборавно искуство да се биде дел од тимот и вистински уживав во времето поминато во Македонија“, рече Цвитковиќ.
Тој нагласи дека неговиот наследник е многу млад и успешен со што, како што рече, се покажува дека Македонија е во фокусот на групацијата и оти македонскиот пазар е многу значаен за неа.
Новиот главен маркетинг-директор на ВИП, Нидерсус, веќе 12 години работи во групацијата и досега сменил шест раководни работни места.
„Ми претставува особено задоволство да му се придружам на успешниот тим на операторот ’Вип‘, најмлад и најуспешен член на нашата групација. Марио зад себе остави успешен и добар тим кој и понатаму ќе се развива“, изјави вчера Нидерсус. (А.С.) |