Хрватска ги намалува ратите на кредити во франци
Курсот на франкот да се фиксира на 5,8 отсто, а разликата да се плаќа на рати со 10 години одложување, порача Косор
Премиерката Јарданка Косор и министерката за финансии, Мартина Далиќ, порачаа дека од хрватските банки очекуваат на должниците со кредити врзани за швајцарскиот франк да им го фиксираат курсот на франкот на најмногу 5,8 куни и да им овозможат плаќање на курсната разлика во рати со 10-годишно одложено плаќање и тоа бескаматно. Покрај тоа, од банките бараат намалување на каматата на ниво во времето на одобрување на кредитот. За тоа, владата ќе донесе и уредба која ќе овозможи намалување веќе на следната месечна рата.
Банките би требале по 15 август да ги повикуваат должниците на потпишување нови договори. Во владата наведоа дека дел од банките веќе се согласиле на мерките, а дека од другиот дел допрва очекуваат одговор. На тој начин, иако владата соопшти дека целата работа во осмислувањето на решение им го препушта на банките, сепак, одлучи и самата да реагира, што е можеби реакција на останатите политички партии, кои порачуваа дека мора да се вклучи државата. Освен мерките што ги донесе владата, како помош за понатамошната отплата на кредитите, би требале да помогнат и мерките што ги донесе Швајцарската средишна банка (СНБ).
Иако првите реакции на аналитичарите предупредуваат дека тие мерки нема да имаат долгорочен ефект, сепак, имаа психолошки ефект па странските финансиски институции во своите прогнози веќе го поправија курсот на франкот во однос на еврото до крајот на годината од предходниот однос околу 1,35 франци за едно евро, на ниво од 1,20. Ако се пресмета тој однос на домашниот пазар, курсот до крајот на годинава би можел да падне на 6,25 куни за еден франк. Вчера тој беше на ниво од 6,68 куни. За долгорочен ефект мерката на СНБ би морала да ги координира со оние на ЕЦБ, а клучно е решавањето на проблемот со силниот франк за смирување на кризата во еврозоната.
Првата мерка на СНБ е пласирање на франкот на пазарот за да се ублажи односот на понудата и побарувачката за таа валута, односно успеа да ослаби во однос на еврото. Една од мерките е и промена на целното ниво на тримесечниот либор (каматна стапка) од 0 - 0,75 отсто на 0 - 0,25 отсто.
„Тука можностите се мали, бидејќи и онака во Швајцарија каматите се на нула, односно тримесечниот швајцарски либор веќе беше на околу 0,18%“, вели Константин Цесновар, извршен директор на благајната во Хипо банка. Тој истакнува дека тоа што нема приноси од камати на вложувачите во таа валута не пречи, бидејќи тие и онака сметаат на заработувачка од курсните разлики, а не од каматите.
Односно, швајцарскиот франк стана сигурно засолниште како златото и тоа и ќе остане и во следниот период. Цесновар тврди дека девизните интервенции се најефикасна мерка иако допрва треба да се види колку СНБ е подготвена и понатаму да интервенира на пазарот и на каков начин подобрата ликвидност ќе влијае на курсот на среден рок.
Тој тврди и дека најуспешни ефекти би биле видливи дури ако СНБ би се координирала со други централни банки за девизните интервенции. Иако треба да потсетиме дека СНБ веќе на тој начин интервенираше од почетокот на јакнењето на франкот, но без поголем успех. (Вечерњи лист) |