ММФ предупреди на големо слабеење на американската економија
САД би можеле да западнат во длабока, долготрајна рецесија како последица на една од најголемите финансиски кризи што некогаш ја погодила земјата, додека на еврозоната и' се заканува помал ризик, оцени Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Врз основа на споредбата со сегашната финансиска криза со претходните, ММФ, во извештајот „Светските економски изгледи“, кој ќе биде објавен идната седмица, заклучи дека постојат значителни изгледи за големо слабеење на американската економија. Аналитичарите на ММФ споредиле 113 случаи на финансиски стрес во 17 индустријализирани земји во текот на изминатите 30 години и утврдиле дека околу 60 отсто од тие случаи довеле до слабеење на економијата, но дека рецесиите врзани за секторот на банкарство биле два до три пати поголеми и траеле два до четири пати подолго од вообичаеното слабеење на економијата. (МИА) |