Светската финансиска криза ги тресе берзите во регионот
Негативните ефекти се чувствуваат на берзите, странските инвеститори се повлекуваат
Соња Маџовска
ОХРИД - Светската финансиска криза ги тресе берзите вклучувајќи ги и оние од регионот. Во најголем дел од тргувањето, индексите се во црвено, намален е прометот, а се повлекуваат и странските инвеститори. Вчера повторно е забележан пад и на Македонската берза, индексот МБИ 10 отиде во минус за 0,46 проценти.
Според директорот на Македонската берза, Иван Штериев, ова се краткорочни последици засега предизвикани, пред се', од психолошки карактер поради стравот на инвеститорите и неизвесноста како ќе се надмине глобалната криза.
„Последиците на македонскиот пазар на капитал се лимитирани и среднорочно клучно ќе биде како ќе се сменат и глобално и регионално, и локално перцепциите на инвеститорите за вложувања во поризични инструменти. Главната рефлексија ќе биде како на среден рок ќе се однесуваат инвеститорите“, вели Штериев. Според него, глобалните случувања нема да ја пролонгираат идејата за продажба на Македонската берза. „Интеграциите што се почнати нема да бидат спречени од глобалните процеси, дури би рекол и ќе ги катализираат “, објаснува Штериев.
Главна дилема во светот е дали да се заузда инфлацијата, која годинава зеде замав секаде во светот, или да се бори со рецесијата за да не се задуши растот на економиите. Професорот Владимир Филиповски смета дека посебен ризик и за македонската економија е што ќе се случува со каматните стапки на глобално ниво. „Кредитниот ризик расте, што ќе придонесе да поскапат кредитите. Втор поголем ризик е повлекувањето на странските портфолио инвестиции. Во првото полугодие од годинава е забележан одлив на овој тип инвестиции. Тоа значи дека извесни ефекти од светската криза веќе се идентификувани. Исто така, и учеството на странски инвестиции во МБИ 10 е намалено. Странските инвеститори во моментов се продавачи на Берзата, а малку купуваат “, вели Филиповски.
Светската финансиска криза тешко ја поднесуваат и земјите во регионот. И во Србија засега психолошкиот фактор има пресудна улога. „Во Србија се повлекуваат странските инвеститори кои и во тргувањето на Белградската берза учествуваат со 40 проценти. Има пад на индексите и до пет проценти дневно. Не треба да се шири паника меѓу инвеститорите. Се обидуваме да ја вратиме нивната дове��ба. Добро е што српскиот пазар не е интегриран со пазарите кои се опфатени од светската криза“, вели Ѓорѓе Јовановиќ, од српската Комисија за хартии од вредност. Во Бугарија, исто така, значително надолу одат берзанските индекси. Бугарскиот експерт за инвестициски фондови, Јанко Николов, вели сега сме близу до дното, по што би требало да следува заздравување на финансискиот сектор кој е под голем притисок од светската криза. „Инвестициите не се прекинати, а тоа е добар знак. Одговорните институции во Бугарија се на заедничка маса и ги следат случувањата. Во Бугарија годинава инфлацијата изнесува 10 проценти, а берзанскиот индекс има пад од 60 проценти“, вели Николов. За претседателката на македонската Комисија на хартии од вредност, Марина Наќева- Кавракова, охрабрувачки е фактот што досега од земјава не си заминал ниту еден инвестициски фонд. „Реалните податоци покажуваат дека во Македонија последнава година влегле странски банки и се отворија нови инвестициски фондови. Исто така, ниту еден странски фонд не излезе од земјава, што е охрабрувачки податок. „Цената на акциите на компаниите паѓа, што е повеќе резултат на психолошки ефект, отколку на реалните економски случувања“, потенцира Кавракова.
Експертите на работилницата што се одржа во Охрид, во организација на Комисијата за хартии од вредност, а во соработка со УСАИД, уште еднаш потенцираа дека, без оглед што кризата има корен во финансискиот сектор кој не е поврзан со нашите банки, потребна е будност затоа што кредитната политика на глобално ниво се менува, а тоа значи дека нема да не' заобиколат негативните ефекти кои во моментов најмногу се чувствуваат на Македонската берза. |