Македонија го намали јавниот долг за 133,3 милиони евра
Вкупниот јавен долг на Македонија во првото полугодие од годинава е намален за 133,3 милиони евра и изнесува 23,3 проценти во однос на БДП. Според извештајот од Министерството за финансии, надворешниот јавен долг лани во декември изнесувал 1,28 милијарди евра и тој бележи благо опаѓање, така што на крајот на јуни годинава достигнал износ од 1,2 милијарда евра. Лани во декември внатрешниот јавен долг изнесувал 555,6 милиони евра, а до крајот на јуни годинава се намалил на 429,3 милиони евра. Намалувањето на овој долг е поради редовното сервисирање на структурните обврзници, но и на престанокот на издавање државни записи за монетарни цели во текот на првото полугодие.
Значително намалување има кај долгот на Владата, во износ од 137,6 милиони евра. Заклучно со јуни годинава, долгот на Владата е 1.292,4 милиони евра, а лани во декември бил 1,430 милиони евра. Во однос на БДП, долгот на Владата е 20,7 проценти, што е значително пониско од Мастришкиот критериум, според кој, овој долг не смее да надминува 60 проценти од БДП.
Во јуни 2008 година внатрешниот јавен долг учествувал со 29,6 проценти во вкупниот јавен долг, додека надворешниот јавен долг со 70,4 проценти. Во декември 2007 година, овој сооднос е 35,1 процент наспроти 64,9 проценти во вкупниот јавен долг. Оваа промена е резултат на укинувањето на државните записи за монетарни цели како и постојано намалување на нето- емисиите на континуираните државни хартии од вредност. (Ек.Р.) |