Живко Мукаетов - „Алкалоид“
Постепено навлегував во суштината на компанијата
Соња Маџовска Александрија Стевковска
Успешни деца на успешни родители. Во бизнисот, како по традиција, се пренесуваат амбициозните гени за ширење на компаниите, за разлика од политиката, во која речиси и нема деца на познатите политичари кои тргнале по стапките на своите родители.
Наспроти мислењето што владее во јавноста дека им е лесно на овие млади бизнисмени да продолжат да градат нешто што е веќе успешно, тие велат дека токму наследувањето на нивните родители на водечките функции во компаниите им наметнува поголем товар за докажување и покажување дека можат сами да успеат во ширењето на бизнисот и да остават свој печат. Познатиот бизнисмен Живко Мукаетов, прв човек на фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, го наследи уште попознатиот Трајче Мукаетов.
„Ја имав честа и задоволството да учам од поранешниот прв човек на ’Алкалоид‘, Трајче Мукаетов, покрај него да навлегувам во тајните на менаџирањето. Сето тоа беше некако дозирано, чекор по чекор, затоа што јас прво работев во одделот за маркетинг, па го водев одделот за маркетинг-комуникации, па медицинскиот маркетинг на фармацевтскиот дел, продажбите во фармацевтскиот сегмент. Значи, постепено навлегував во суштината на компанијата. Притисокот беше голем, мораше да бидам максимално фокусиран. Од аспект на тоа што наследив суперуспешен претходник, морам да признам дека тоа ми претставуваше дополнителен товар“, вели младиот Мукаетов.
Тој додава дека од својот татко научил многу за фармацевтскиот бизнис. „Растев гледајќи колку е посветен и врзан за ’Алкалоид‘ и буквално целиот свој живот го посвети на работата. И покрај тоа што Трајче Мукаетов е мој татко, професионалната соработка се одвиваше малку поинаку, што значеше и скоро секојдневна комуникација и блиска соработка со него на сосема друго ниво, во која професионално созреав, а имав за шеф човек каков што секој сонува да има. Трајче Мукаетов за мене засекогаш ќе остане поим за цврстина, стабилност, трпеливост, авторитет, голем стратег и визионер, човек со челични нерви и цврст резон, огромна волја и знаење, а од друга страна, човек кој беше премногу обичен, приземјен и добродушен. Кога го презедов раководството на ’Алкалоид‘, веќе беа реализирани неколку исклучително значајни проекти, меѓу кои би ги издвоил новите фабрики за цврсти дозни форми и за полусинтетски цефалоспорини во соработка со ЕБРД и ИФЦ, со што темелите за посакуваниот просперитет беа поставени“, се потсетува Мукаетов. Тој вели дека наследил добро разработен систем и имал солидна основа за надградување. „Она што како новина го одбележа моето раководење со компанијата е што се трудев и се' уште се трудам да наметнам проактивен пристап во работењето, со фокус на поголема ориентација кон извозните пласмани. Во последниве речиси пет години откако комплетно го имам преземено менаџирањето на компанијата успеав да доизградам тим од 50-ина менаџери, на кои можам да се потпрам и кои се оспособени успешно да се справат со предизвиците на бизнисот. Направивме освежување и подмладување на продажните тимови што работат во блиска координација со искусни и добро обучени кадри во производствените и научноистражувачите сегменти“, вели Мукаетов. Производите на „Алкалоид“ се конкурентни, модерни, ги следат трендовите и може да парираат на кој било производ од својот сегмент во светот. Според Мукаетов, тие се прилично активни и во поглед на воведување на новините.
„Во 2005 година ја имавме првата екстензија на ’кафетин‘, по што следуваа уште три, односно заедно со најновиот сашетите ’кафетин к��лд макс’, веќе се четири екстензии на брендот ’кафетин‘. Исто така, и портфолиото на брендот ’бекутан‘ беше збогатено со неколку производи, што се покажаа како вистински погодок. Од аспект на препознатливост, мислам дека ’Алкалоид‘ е присутен и одлично позициониран на пазарите во регионот. Моментно, Србија е наш најголем извозен пазар, каде што дојдовме до денешната фаза на производство во Белград. Одлично сме позиционирани и добро препознатливи и на пазарите во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Втор сегмент е Европската унија. Добри резултати годинава имаме на бугарскиот пазар, потоа Словенија, почнавме во Романија со ’кафетин‘, а регистриравме лекови и во Чешка, Словачка, Полска и Унгарија. Руската Федерација е дефинирана како еден од приоритетните пазари кој во наредните две години очекуваме да стане една од нашите клучните извозни дестинации“, вели Мукаетов.
Тој смета дека бизнис-климата во државата не може да се гледа одвоено од севкупните настани во светот, а пред се' регионот. „Како и секоја друга стопанска гранка, фармацевтската индустрија бележи свои подеми и падови. Факт �� дека кризата влијаеше на работењето на ’Алкалоид‘, но по извршената детална анализа, се фокусиравме на порационално користење на ресурсите и поголема интерна мобилизација, со цел да ги елиминираме несаканите последици, во што мислам и дека успеавме. Притоа, континуирано се трудевме да го одржиме балансот помеѓу нашата цел, потребите на потрошувачите, вработените, акционерите, заедницата и останатите сопственици на удели, особено внимавајќи на одржување на ликвидноста на компанијата. Внимателно преземените мерки го овозможија и растот на продажбите и растот на профитот на компанијата, како во 2009 година, така и во 2010“, истакнува Мукаетов.
|