ФАРК нема да преживее без Мануел Маруланда
Во март умреа тројца од членови на Секретаријатот на организацијата, а 220 борци дезертираа
БОГОТА - Легендарниот лидер и основач на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) е мртов. Ќе можат ли да преживеат колумбиските бунтовници, кои никогаш не биле без лидерството на Мануел Маруланда и кои се цел на напади од сите страни од армијата што ја има поддршката на САД? Тврдењата на военото разузнавање се потврдени од страна на ФАРК во телевизиското обраќање: Педро Марин, вистинското име на Мануел Маруланда, почина од срцев удар на 26 март, во прегратката на својата љубовница и опкружен со своите телохранители. Така и' беше ставен крај на колумбиската легенда, на човекот кој во 1964 година ја формираше ФАРК од група роднини и пријатели и ја претвори во една од најмоќните и најбогати бунтовнички групи во светот.
„ФАРК е неповратно ослабен и бележи надолна линија“, изјави министерот за одбрана, Хуан Мануел Сантос. „Ние победуваме, но се' уште не можеме да ја прогласиме победата“.
Март беше катастрофален месец за ФАРК и неговото управно тело, Секретаријатот, бидејќи тројца од седумтемина членови починаа или се убиени. Пред да почине, Маруланда дозна дека Раул Рејес, човек познат како негова десна рака, беше убиен на 1 март кога колумбиската армија го бомбардира кампот на ФАРК на два километра внатре на територијата на Еквадор. Една недела подоцна Иван Риос, најмлад член на Секретаријатот, беше убиен од еден од своите телохранители, кој му ја отсече раката на својот командант за да ја побара наградата од повеќе од еден милион долари што се нудеше за него, а која со задоволство му беше исплатена од власта.
Плаќањето за информација стана еден од столбовите на владината борба против ФАРК и доведе до богатство од разузнавачки информации, на што армиските официјални лица им ги препишуваат едни од најуспешните операции против бунтовниците, вклучувајќи го и убиството на Раул Рејес во Еквадор. За време на конференцијата за печатот од страна на Сантос беа презентирани пресретнати радиокомуникации кои потврдија други воени разузнавачки информации дека човекот со прекар Алфонсо Кано (вистинското име на Гилермо Леон Саенц) е новиот врховен командант на бунтовничката армија. Постојат сомневања дека Кано, највисок идеолог на групата, ефикасно ќе го замени Маруланда. „Маруланда беше легендарен основач кој им даваше кохезија на бунтовниците“, изјави Алехо Варгас, универзитетски професор и аналитичар на конфликти.
Аналитичарите и разузнавачите од армијата веруваат дека смртта на Маруланда би можела да предизвика бран дезертерства, дополнително ослабување на ФАРК и обезбедување големо богатство на информации со кои армијата ќе може да им нанесува удари на командантите и единиците што ќе останат на теренот. Дури и пред смртта на Маруланда, дезертирањата станаа Ахилова пета на герилата. Само во првиот квартал од годинава дезертираа повеќе од 220 бунтовници. Благодарение на дарежливите субвенции за оние што ќе се предадат и правни олеснувања за оние што биле осудени за кривични дела, се предадоа голем број бунтовници, особено оние од единиците под притисок на армијата.
Неочекуван потез дојде во форма на жена со прекар Карина, која на 19 мај дезертираше. Таа беше иконска фигура во ФАРК, една од најистакнатите жени-команданти и во движењето беше гледана нешто како женски Рамбо. Полупрегладнета и со месеци во бегство од армијата, командантката на 47. фронт им се предаде на властите, наведувајќи дека и' дојде крај на воената борба за власт. Долго време има гласишта за поделеност внатре во ФАРК меѓу политичкото крило, претставено преку Кано, и военото предводено до Моно Хохој, кој командува со најмоќната герилска дивизија, Источниот блок, што го сочинуваат околу 4.000 борци. „За многу команданти на ФАРК, природен лидер би бил Моно Хохој“, изјави извор од разузнавачката служба. „Тој беше еден од телохранителите на Маруланда, човек кој ја разбира герилската војна и планираше многу од најголемите успеси на ФАРК“.
Никој не верува дека ФАРК ќе се трансформира, како што се случи тоа со „Светлиот пат“ од Перу по заробувањето на нивниот лидер Абимаел Гузман во 1992 година. ФАРК е структуриран така да ги издржи загубите на клучните лидери и да преживеат доволно истакнати луѓе со харизма што ќе го осигураат неговиот континуитет. Фактот дека ФАРК се' уште добива стотици милиони долари од трговијата со дрога, од киднапирања и изнудувања, осигурува дека тој се' уште ќе биде во можност да регрутира и опремува нови регрути. На 26 мај ФАРК ја одбележа 44-годишнината од своето постоење. (Би-Би-Си) |