Милибанд ќе го замени Браун на премиерската функција?
Лондон - Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Милибанд се подготвува да го замени Гордон Браун на чело на влада во Лондон, со цел „да ги спаси лабуристите“, тврди лондонски „Сандеј тајмс“.
Според весникот, најмалку половина од членовите на Кабинетот приватно заклучиле дека Браун не може да ги доведе лабуристите до победа на следните избори.
Приврзаниците на Милибанд се надеваат дека „министерската делегација“, предводена од Џек Строу, ќе успее да го убеди Браун доброволно да се повлече од функцијата, тврди „Сандеј тајмс“.
Весникот пренесува дека Милибанд им се доверил на своите пријатели дека е подготвен да ја преземе премиерската должност доколку добие поддршка од лабуристичките пратеници. Тој сега разгледува стратегија околу тоа како би дошол на таа должност, а притоа лично да не придонесе за падот на Браун.
И весникот „Обсервер“ на насловната страница пишува дека Браун ќе биде присилен да именува наследник кој наскоро ќе го замени на функцијата премиер, додавајќи дека најмалку 40 лабуристички пратеници се подготвени да поддржат промена на партискиот врв.
Само таблоидот „Мејл он сандеј“ се сомнева во сето ова и ја пренесува изјавата на еден неименуван приврзаник на Браун, кој прашува „дали лабуристичките пратеници навистина се подготвени на такво масовно харакири“. (МИА)