Ивана Настеска добитник на наградата за графика на ДЛУМ
Со наградената графика, авторката учествувала и на изложба во „Графички колектив“ во Белград
ТЕТОВО - Младата сликарка од Тетово Ивана Настеска е годинашен добитник на престижната награда на ДЛУМ за графика. На селективната изложба на која учествуваат 38 автори, во категориите цртежи „Никола Мартиновски“ и графики, Настеска како награда се стекна со право да настапи со самостојна изложба во организација на ДЛУМ, поддржана од Министерството за култура.
„Графиката е инспирирана од праисториските фигури пронајдени на почвата на Македонија, особено во Породин, во велешкиот крај и по долината на реката Вардар и е во комбинација со македонската шара и орнамент. Знаците и симболите се пронајдени на карпи по должината на реката Пена и се поврзани со византиски и христијански симболи. Изработена е во графичка техника акватинта - сува игла“, вели првонаградената уметничка.
Со оваа графика таа учествувала и на мајската изложба во галеријата „Графички колектив“ во Белград, која како најстара графичка галерија на балканските простори годинава одбележувала 60 години од постоење. „За творештвото на Настеска е интересно што низ обидот за графичкото трансплантирање низ процепите на литоморфите врз кои се стиснати знаците се симулира обликот, текстурата, светлоста, сенката“, ќе забележи ликовната критичарка Конча Пиркоска. (Г.Е.) |